ПОЧИНА ТЕАТРОЛОГОТ И ТЕАТАРСКИ КРИТИЧАР ИВАН ИВАНОВСКИ

    ПОЧИНА ТЕАТРОЛОГОТ И ТЕАТАРСКИ КРИТИЧАР ИВАН ИВАНОВСКИИван Ивановски е еден од доајените на македонската театарска критика

    Иван Ивановски, театролог и еден од доајените на македонската театарска критика, почина синоќа во Скопје на 87 години. Ивановски, роден во Дебар во 1930, е истакнат новинар и писател кој на пошироката културна јавност и е познат како долгогодишен проследувач на театарскиот живот во Македонија и надвор од неа. Тој целиот свој работен век го помина во Радио Скопје како театарски рецензент, коментатор и уредник на Културната рубрика.

    Комеморативна седница ќе се одржи утре во 11,30 часот во Друштвото на писателите на Македонија. Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта Бутел во Скопје од 13 до 14 часот, а погребот ќе биде извршен во 14 часот.

    Ивановски е автор на околу 50 книги од областа на поезијата, патописната литература, литературата за деца и театрологијата. Најголем број наслови (повеќе од 40) се однесуваат на книги со портрети на актери, на монографии на одделни театри, на избори на прикази и театарски рецензии и слично. За импозантната театролошка дејност на Иван Ивановски говори и податокот што тој досега има објавено преку 2.500 единици – рецензии, студии, разговори и слично, од кои некои се преведени и публикувани во низа театарски весници и книги во поранешна Југославија, во Полска, Русија, Турција.

    Во својата кариера бил прв селектор на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, претседател на Сојузот на театарските критичари и театролози на Југославија, на Меѓуфестивалскиот одбор на професионалните театри во Југославија, на Комисијата за драмска програма на „Охридско лето“, селектор и член на Советот на ФААТ (Фестивал на аматерски и алтернативни театри на Македонија – Кочани, денес Драмски аматерски фестивал на Македонија-Кочани).

    Ивановски е добитник на поголем број признанија како: „13 Ноември“, „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, „Крсте Мисирков“,„Димитар Митрев“, и државните награди „Св. Климент Охридски“ и „11 Октомври“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира