Изгубена слика на Караваџо на измачениот и крунисан со трње Исус Христос, која беше погрешно проценета и речиси продадена за само 1.500 евра, ќе биде изложена во музејот Прадо во Мадрид, три години откако нејзиното откритие го шокираше светот на уметноста.
„Ecce Homo“, чија големина е 111 см на 86 см, му се припишуваше на кругот на шпанскиот уметник Хосе де Рибера од 17. век кога беше понудена на аукција во Мадрид во април 2021. Но, нешто на сликата ги наведе експертите во Шпанија и Италија да го преиспитаат делото.
Откако се дозна чија е, шпанската влада ѝ даде заштитен статус на сликата, со цел да остане во земјата.
Прадо денеска соопшти дека сликата, која анонимен купувач ја купил за непозната сума од семејството кое ја поседувало со генерации, ќе биде изложена во музејот од 28 мај до октомври. Директорот на Прадо, Мигел Фаломир, рече дека новиот сопственик соработувал со експерти за да ја обнови „Ecce Homo“.
„Откривме дека ова е навистина Караваџо, слика која била донесена во Шпанија во 17. век. За време на инвазијата на Наполеон, ја напуштила кралската колекција и од 19. век се наоѓала во приватна семејна колекција во Мадрид. Семејството неодамна одлучило да ја продаде сликата на приватен купувач, кој изразил желба да го изложи ова многу важно дело во Прадо“, кажа Фаломар.
Откритието на сликата доведе до војна на наддавање, која најверојатно завршила со куповна цена од десетици милиони евра.