ПРЕМИЕРА НА ДИПЛОМСКАТА ПРЕТСТАВА „АЛИСА СЕ ВРАЌА ДОМА“ НА МОНИКА СТАВРЕВСКА НА 8 ОКТОМВРИ ВО ДРАМСКИОТ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕ

    ПРЕМИЕРА НА ДИПЛОМСКАТА ПРЕТСТАВА „АЛИСА СЕ ВРАЌА ДОМА“ НА МОНИКА СТАВРЕВСКА НА 8 ОКТОМВРИ ВО ДРАМСКИОТ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕГлавната улога, на Алиса, ја игра Соња Стамболџиоска. (Фото: Драмски театар)

    На 8 октомври во Драмскиот театар во Скопје премиерно ќе се изведе претставата „Алиса се враќа дома“ според текстот на Ивана Смилевска, во режија на Моника Ставревска. Станува збор за дипломска претстава на Ставревска, студентка на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) Скопје во класата на професорката Зоја Бузалковска.

    Ставревска на денешната прес-конференција рече дека со Смилевска се познаваат од студиите по компаративна книжевност и дека дошле до идеја да направат прво адаптација на „Алиса во Земјата на чудата“ и „Алиса низ огледалото“.

    „Во процесот на адаптирање авторката сфати дека текстот нуди многу потенцијал и комуницира  со совремието, со денешницава, и дека ќе напише еден текст во којшто ќе ги смени околностите само од зајачката дупка во нешто што сите ние можеби нам ни е препознатливо“, кажа Ставревска.

    Екипата на претставата на денешната прес-конференција. (Фото: СДК.МК)

    Смилевска кажа дека дека публиката не треба да очекува стандарден текст на Луис Керол во една скромна адаптација, туку дека создале нов свет кој го сместиле жанровски како една современа антибајка.

    „Искрено сметам дека можеби претставата ќе допре до повеќе млади луѓе, бидејќи сите сме заедно во оваа реалност што ја живееме“, кажа авторката.

    Главната улога, на Алиса, ја игра Соња Стамболџиоска, која вели дека со оваа претстава гледа дека малку живееме во светот на чудата.

    „А што се чудата? Што е моќта, што е идентитетот, што е одговорноста? Кога треба да преземеш, што е твоето место во светот, дали кога се бунтуваш против наметнатите вредности или тоа место. Што е бунтот? Дали треба да седиш во некои илузии или да преземеш лична одговорност која ја бараш од другите? Така што има многу теми за коишто се зборува во претставата“, рече Стамболџиоска.

    Играат и: Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Александар Степанулески, Златко Митрески, Ања Митиќ, Лазар Христов, Филип Трајковиќ,  Трајанка Илиева-Вељиќ, Ангела Пејковска, Нина Елзесер, Ирена Димеска, Томислав Давидовски и Марјан Наумов.

    Сценографијата е на Ненад Тонкин, костимите на Роза Трајческа, автор на музиката е Лука Тошев, а продуцентка е Леа Манева.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира