ПРЕМИЕРАТА НА „ГОДИНА НА МАЈМУНОТ“ НА ВЛАДИМИР БЛАЖЕВСКИ ГО ОТВОРА СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ

    ПРЕМИЕРАТА НА „ГОДИНА НА МАЈМУНОТ“ НА ВЛАДИМИР БЛАЖЕВСКИ ГО ОТВОРА СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛРежисерот Владимир Блажевски со актерот Игор Ангелов, кој ја игра главната улога во „Година на мајмунот“ на снимањето во 2016 (Фото: Фејсбук)

    Со премиерата на македонскиот филм „Година на мајмунот“ по сценарио и режија на Владимир Блажевски на 19 април ќе почне 21. издание на Скопје филм фестивал. „Година на мајмјунот“, чиј работен наслов беше „Слобода или смрт“ , е четврт долгометражен филм на Блажевски, еден од најреномираните македонски филмски автори, по наградуваниот „Панкот не е мртов“ (2011), „Булевар на револуцијата“ (1992) и „Хај- фај“ (1987).

    „Година на мајмунот“ е сатирична комедија, копродукција со Косово, Србија и Словенија, а се снимаше во 2016 на околу 80 различни локации во Скопје, Битола, околината на Гостивар и Дебар. Македонски продуцент е Дарко Попов од „Панк филм“. Буџетот за филмот е 1,4 милиони евра, обезбедени од Агенцијата за филм на Македонија, Еуримаж и Кино-мрежата на Југоисточна Европа. Главната улога ја игра Игор Ангелов, а во големата екипа има актери од Македонија, Србија, Словенија, Хрватска.

    Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е младиот македонски дизајнер Ѓорѓи Десподов

    Скопскиот филмски фестивал ќе трае до 26 април, а најавени се повеќе од 50 филмови, работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, како и ретроспектива на Алфред Хичкок. Филмовите се распоредени во седум програми, меѓу кои се: Програма на авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, Фокус на француски филм, Програма на европски филм, Ретроспектива на Хичкок, и за првпат годинава, програмата Квир фокус.

    Селектор на Програмата на авторски филм е Татјана Јаневска, Навид Сарем на Фокус на францускот филм, Владан Петковиќ и Алексеј Дмитров на краток филм, а Александар Ковачевски на Квир фокус. Во програмата Македонска продукција ќе се прикажат осум македонски филмови.

    Програмите ќе се одржуваат во киното Милениум, Кинотеката на Македонија и киното Фросина. Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е младиот македонски дизајнер Ѓорѓи Десподов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари