За околу 50 отсто е намален бројот на професионален и квалификуван кадар во службите за заштита на спомениците на културата, во последните дваесет години, вели Константин Димитровски, директор на Конзерваторски центар Скопје и конзерватор-советник. Ескпертите за заштита на културното наследство во земјава со години алармираат дека на толкаво значајно богатство во земјава, ќе останеме без кадар кој ќе работи на негова заштита.
Димитровски вели дека уште од почетокот на воспоставувањето на службите за заштита на спомениците на културата, еден од главните проблеми претставува бројот на соодветен професионален и квалификуван кадар. Тоа наложува постојано да се размислува за зголемување на бројот на кадри ангажирани во заштитата како и нивно соодветно професионално усовршување.
„Увидот во сегашната состојба покажува дека поголемиот број од институциите се соочуваат со недостиг на професионален стручен кадар. Генерално земено, бројот на професионален и квалификуван кадар во последните дваесет години се намалил за околу 50 отсто. Овде пред сѐ, се мисли на стручен кадар со соодветно стручно звање, односно кога станува збор за конзерватори, се мисли на стручните звања виш конзерватор и советник-конзерватор. Всушност, тие се и единствените кои според законската регулатива можат да бидат раководители на проекти и на нивната реализација, што директно се одразува на квантитетот и квалитетот на аплицирани проекти во рамките на годишните програми на Министерството за култура“, вели Димитровски.
Ваквата состојба, вели тој, упатува на потреба од изработка на стратегија за развој на човечките ресурси во областа на заштитата на културното наследство, при што особено внимание би требало да се посвети на неколку проблеми.
„Заштитата е мултидисциплинарна област која опфаќа различни дисциплини и професии. Обезбедувањето на потребниот професионален стручен кадар претпоставува постоење на високообразовни установи кои нудат студиски програми за потребните професии во полето на културното наследство и конзервацијата, а такви во моментов кај нас отсуствуваат. Конзервацијата бара покрај базичното образование и стекнување на практично искуство, за што е неопходен подолг временски период. Конзервацијата доживува динамичен развој, што од друга страна наметнува потреба од континуирано дообразување“, смета Димитровски.
Сето ова подразбира спроведување сеопфатна анализа на реалните состојби на кадровска екипираност, проценка на реалните потреби за заштитата на целокупното културно наследство, проценка на трошоците за вработување и образование, стратегија за обука на неопходни кадри преку развој на краткорочни, среднорочни и долгорочни програми за едукација, кои ќе обезбедат можности за континуирано создавање, обновување и унапредување на кадарот за потребите на заштитата.
Според Димитровски, во таа смисла, за надминување на моменталната состојба, како главни приоритети можат да се издвојат: решавањето на хроничниот проблем на недостаток на стручен кадар во полето на заштитата и конзервацијата преку дополнително финансирање и обука, како и благовремено отворање на нови работни места со цел да се обезбеди подмладување на струката.
Тој предлага и воведување менторски систем на обука на кадарот и обезбедување на квалификуван кадар кој ќе спроведува специјалистички обуки на вработените во доменот на конзервацијата – во почетокот во соработка со меѓународните организации како Советот на Европа, ИКРОМ и ИКОМ, разновидни национални и независни агенции или фондации, а потоа самостојно.
Во доменот на заштитата и конзервацијата особено е значајно да се воспостават врски со меѓународните едукативни организации и тренинг центри, како и воспоставување на стратегија и едукативни програми и специјализирани служби за обнова на старите занаети, сами по себе како нематеријално наследство и во функција на конзервација и реставрација на материјалното наследство.
„Сепак, најефиаксен и најсуштински можеби би бил оној начин кој ќе ги подготви уште од најрана возраст најмладите да стекнат соодветен однос кон наследството. Бидејќи, станува збор за ‘дисциплина’ која првенствено се однесува на воспитувањето, односно, градењето однос кон ‘постарите’… Доколку успееме да го развиеме чувството на почит кон постарите (наследството), ќе имаме добра подлога за надградба на знаењата и искуствата кај идните генерации млади луѓе кои би се специјализирале во областа на заштитатата на културното наследство. Само на тој начин, мерките и активностите кои би произлегле од сегашните и идните плански документи (стратегии, законски и подзаконски акти) би можеле да вродат со плод“, вели Димитровски.
Од Министерството за култура ни рекоа дека е изготвена анализа за состојбата со кадарот во секторот на заштита на културното наследство, и дека е утврдена потребата од нови вработувања, особено во делот на заштитата на недвижното културно наследство.
„Во последните години има природен одлив на кадар, поради пензионирање и затоа е голема потребата да се надополни кадарот и да се работи на континуирана доедукација на постоечкиот кадар. Во Националната стратегија за заштита на културното наследство која е во фаза на донесување, утврдени се активности за отворање наставни програми кои предвидуваат образование на научни кадри во заштитата. Министерството за култура работи на утврдување на механизими со кои ќе се поттикнуваат младите, преку стипендии во сите степени на образование да се школуваат за струките потребни во сферата на заштитата на културното наследство“, вели Министерството.
Б. НЕСТОРОСКА