ПРЕСРЕЌНИ СМЕ ШТО СМЕ НАЗАД НА СЦЕНАТА, ОНАМУ КАДЕ ПРИПАЃАМЕ – ОПЕРСКИТЕ ЅВЕЗДИ ЃИНОВСКА-ИЛКОВА И НАЦОСКИ ВЕЧЕРАШНИ ГОСТИ НА СКОПСКИ СОЛИСТИ

    ПРЕСРЕЌНИ СМЕ ШТО СМЕ НАЗАД НА СЦЕНАТА, ОНАМУ КАДЕ ПРИПАЃАМЕ – ОПЕРСКИТЕ ЅВЕЗДИ ЃИНОВСКА-ИЛКОВА И НАЦОСКИ ВЕЧЕРАШНИ ГОСТИ НА СКОПСКИ СОЛИСТИПо повеќемесечна пауза поради коронакризата, на голема радост на уметниците во земјава почнаа да се одржуваат културни настани, според протоколи за заштита од ковид-19. Весна Ѓиновска-Илкова/Благој Нацоски. (Фото: Фејсбук)

    Примадоната на Националната опера и балет Весна Ѓиновска-Илкова, оперскиот тенор Благој Нацоски и обоистот Томе Атанасов, сите со светски кариери, се гости на вечерашниот концерт на Скопски солисти. Концертот со кој се слават 20 години на Скопските солисти е во 20 часот во Филхармонијата, под диригентство на Иван Еминовиќ.

    По повеќемесечна пауза поради коронакризата, на голема радост на уметниците во земјава почнаа да се одржуваат културни настани, според протоколи за заштита од ковид-19.

    Сопранот и професорка на Факултетот за музички уметности (ФМУ) во Скопје, Ѓиновска-Илкова за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека враќањето на сцена, за неа е враќање во нејзината природна средина, онаму каде припаѓа.

    „Првиот гала концерт го имав на крајот на октомври, после точно 7 месеци откако сѐ се затвори. Динамиката на работа е намалена, а мојата работа не трпи големи застои. Затоа се насочив на алтернативни решенија, обновување улоги, партитури, во домашни услови, сѐ со цел задржување на пејачката кондиција“, ни рече оперската певица.

    Тенорот Нацоски, кој живее во Италија и настапува низ цел свет, за време на карантинот пролетта често на својот Фејсбук профил објавуваше видеа со песни, меѓу кои и италијанската верзија на песната на Александар Митевски и Драган Спасов-Дац „Уште ми фалиш“.

    „Пресреќен сум што сум пак на сцена и тоа во мојата родна земја“, напиша синоќа Нацоски на Фејсбук.

    Според Ѓиновска-Илкова, времето во кое живееме со пандемијата не е за потценување и дисциплината е таа која е еден клучен фактор.

    „Чувствувам како и секој друг човек загриженост, неизвесноста создава несигурност, затоа се трудам што помалку да читам и слушам теории, мислења. Официјалните бројки ја кажуваат моменталната ситуација. Гледам да го искористам времето продуктивно, и физички активно“, кажа Ѓиновска-Илкова.

    Примадоната на 18 март требаше да одржи јубилеен концерт по повод 25 години кариера, но тогаш беше одложен, согласно одредбите и насоките на Министерството за здравство.

    „Мојот концерт е закажан за 11 декември, после неколку поместувања“, вели таа.

    На вечерашниот концерт со кој Скопските солисти слават јубилеј, ќе се изведат дела од Вивалди, Хендл, Елгар, Перголези, Моцарт, Чајковски, Пучини, Тошевски, Агостини.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира