ПРЕТСТАВАТА Е ЗА ОНИЕ КОИ НЕ ВЕРУВАА ВО МЕНЕ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ КОРТИНА ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „ВЕРА, ЉУБОВ, НАДЕЖ“ ВО ДРАМСКИ

    ПРЕТСТАВАТА Е ЗА ОНИЕ КОИ НЕ ВЕРУВАА ВО МЕНЕ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ КОРТИНА ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „ВЕРА, ЉУБОВ, НАДЕЖ“ ВО ДРАМСКИДел од екипата на претставата „Вера, љубов, надеж“ : Љупчо Константинов, Благоја Чоревски, Лука Кортина и в.д директорот на Драмски театар, Сашо Тасевски/ Сцена од претставата, со Наталија Теодосиева како Елизабета (Фото: Драмски театар)

    Текстот на германскиот автор Еден фон Хорват, „Вера, љубов, надеж“ напишан во 1932 година, утревечер во 20 часот премиерно ќе биде изведен во Драмски театар.

    Режисер е Италијанецот Лука Кортина , кој 12 години живее и работи во Македонија, а и дипломираше на Факултетот за драмски уметности во класата на професорот Слободан Унковски.

    Во претставата играат: Наталија Теодосиева, Филип Трајковиќ, Благој Чоревски, Димитрија Доксевски, Анастас Тановски, Игор Ангелов, Сања Арсовска, Ирена Ристиќ, Зоран Љутков, Емилија Мицевска, Соња Стамболџиоска, Лазе Манасковски, Јана Стојановска, Златко Митрески, Дениз Абдула и Кристијан Светиев.

    „’Вера, љубов, надеж’ е тоа што ги прави луѓето луѓе, во еден свет каде што нема ни вера, ни љубов, ни надеж“, вели режисерот. -Сцена од претставата (Фото: Драмски театар)

    Кортина денес рече дека насловот се поврзува со три карактеристики на човекот, а тоа не се однесува на одлуки или ставови, туку на оние карактеристики кои го чинат човекот тоа што е.

    Текстот е приказна на младата жена Елизабета, која го напушта домот на својот татко и одлучува да го живее животот по своите принципи.

    Таа го нуди своето тело на Институт за анатомија, да и дадат пари додека е жива и да го користат телото за истражување по смртта.

    Каков е тој живот кој се живее со пари од платена смрт“, вели глумицата Теодосиева која ја игра улогата на Елизабета.

    „’Вера, љубов, надеж е тоа што ги прави луѓето луѓе, во еден свет каде што нема ни вера, ни љубов, ни надеж. Приказната е за сите оние што мислат дека односите помеѓу луѓето се градат исклучиво заради корист и за секој од нас кој во одреден момент изгубил верба. Приказната е за Елизабета, вид во исчезнување, како што сме и сите ние кои се занимаваме со театарската уметност. Сите ние кои се бориме да докажеме дека театарот има незаменлива општествена улога во негувањето на критичката мисла. Приказната е и за мене и моите дванаесет години поминати во Македонија, во кои никој не поверува дека сум дојден заради искрената верба во театарот“, вели режисерот.

    Сценографијата е на Мери Батакоја, костимите на Марија Пупучевска, а музиката е на Љупчо Константинов.

    Репризата е в сабота.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира