ПРИ РАКА

(Кон „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски, играат Анамариа Маринка, Алина Шербан, Миа Мустафа, Самсон Селим, Владимир Тинтор, Сара Климоска)

    ПРИ РАКА

    Прочуената американската поетеса, писателка и феминистка Адриен Рич во есејот „Жени и чест: Неколку белешки за лажењето“ од 1975 вели: „Чесна човечка врска – а тоа е онаа во која двајца имаат право да го користат зборот ‘љубов’ – е процес, деликатен, жесток, често застрашувачки за обете личности во него, процес на рафинирање на вистините кои може да си ги кажат еден на друг. Важно е ова да се стори, оти со тоа се крши човековата себеобмана и изолација. Важно е ова да се стори оти со тоа ја потврдуваме нашата сопствена комплексност. Важно е ова да се стори оти може да се потпреме само на малкумина кои би го оделе тој тежок пат со нас“.

    Пола век подоцна, во неговиот трет филм „Домаќинство за почетници“, македонско-австралискиот режисер Горан Столевски го истражува токму тој процес на „рафинирање на вистините кои може да си ги кажат еден на друг“ луѓето во една врска, во случајов семејна врска. Столевски, кој уште со дебито, средновековната вампирска драма „Нема да си сама“ (2022) се лансира како автор со особен филмски јазик и сензибилитет, а се потврди со вториот, прекрасната љубовна драма „Доволно возрасни“ односно „За некоја година“ како што претпочита авторот (2022), постојано во фокусот ја има човечката потреба за длабоко емотивно поврзување и за припадност.  Она што го издвојува Столевски како еден од највозбудливите автори во моментов е токму неговиот длабок и љубопитен интерес за човековата состојба и тоа без оглед на полот, родот и општествените околности (или баш во дадените општествени околности).

    Во неговиот трет, а прв македонски филм, кој е и годинашен македонски кандидат за Оскар, Столевски се бави со врски во семејство, поточно во семејството што косовската Албанка Дита (Анамариа Маринка) го наследува од партнерката Ромка Суада (Алина Шербан) – нејзините две ќерки, лутата тинејџерка Ванеса (Миа Мустафа) и малата немирка Миа (Џада Селим). Сите живеат заедно и со Тони  (Владимир Тинтор) и неговиот дечко Али од Шутка (Самсон Селим) во куќа која е и засолниште за лезбијки избркани од дома. Би се рекло, калакурница од различни и навидум неспоиви табиети и јазици, во која секој од главните ликови си бара некого да му е при рака кога ќе му затреба, оти како што вели Дита, „не прекинува потребата, ни ко ќе остариш“.

    Столевски кој е и сценарист и монтажер на филмот, ја плете, заплетува и одмотува приказната во низа силовити сегменти што синкопирано следат еден по друг, преполни со бол и бес, и радост и хумор и тага и смеа, честопати сѐ во исто време. И полека, од таа општа калакурница, пред очи ни се раѓа вистинско семејство, живи луѓе споени со сочувство и грижа еден за друг.

    Таа спонтаност и  жестокост на семејниот живот кинематограферот Наум Доксевски ја гледа однатре, сликата е густа и набиена со движење и впечаток е како секоја ситуација да ја дава од гледна точка на повеќе ликови. Динамично снимените крупни планови на лицата, пак, Столевски ги користи како преоди на кои изразита лиричност им дава музиката на браќата Ален и Ненад Синкауз. Тие лирски преоди се веќе препознатлив знак на неговиот визуелен стил.

    Романската актерка Анамариа Маринка, ѕвездата на еден од најславните романски филмови „4 месеци, 3 недели и 2 дена“ на Кристијан Мунџиу од 2007, во „Домаќинство за почетници“ игра со просто застрашувачка интензивност. Таа е карпата на целата турбулентна заедница што ја држи на куп со нежноста затскриена зад згрчената насмевка.

    Алина Шербан, исто така славна романска актерка, е контрапункт на Маринка  – нејзината бурна енергија ќе профучи и ќе го обележи првиот дел на филмот. Таа енергија ја презема Миа Мустафа и нејзината дива и лута тинејџерка Ванеса е ехо на играта на Шербан.  Дебитантот Самсон Селим го игра Али со извонредна ведрина и креира еден од највпечатливите ликови во филмот.

    Столевски за две години сними три филма, сите различни, но создаде препознатлив опус во кој делата се надградуваат едно со друго. Неговиот уметнички печат е во едноставноста и леснотијата со кои раскажува приказни што ем ќе те трогнат ем ќе те вознемират,  па со нетрпение очекуваш што следува.

    Марина КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира