ПРИВИЛЕГИЈА Е ШТО СУМ ДОМА, СЕ РАСПЛАКА МАЈА ОЏАКЛИЕВСКА ПРЕЧЕКАНА СО ОВАЦИИ НА КОНЦЕРТОТ СО КАРЕРАС ЗА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ

    ПРИВИЛЕГИЈА Е ШТО СУМ ДОМА, СЕ РАСПЛАКА МАЈА ОЏАКЛИЕВСКА ПРЕЧЕКАНА СО ОВАЦИИ НА КОНЦЕРТОТ СО КАРЕРАС ЗА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТМаја Оџаклиевска која живее во Белград беше пречекана со овации. (Фото: К. Попов)

    Маја Оџаклиевска се расплака и беше пречекана со овации од публиката на синоќешниот концерт на славниот шпански тенор Хосе Карерас и „Macedonian All Stars“ на Плоштад Македонија во Скопје по повод одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија. Легендарната пејачка, која живее во Белград и по подолго време настапи во Скопје, ги испеа нејзините хитови „Не допирај ме“, „Многу солзи“ и на крајот „Македонско девојче“.

    „Привилегија е што сум дома. Ви благодарам многу“, рече Оџаклиевска, која се расплака по аплаузот на публиката.

    Влатко Стефановски ја свиреше „Учи ме мајко, карај ме“ на крајот.  (Фото: К. Попов)

    На концертот настапија и Каролина Гочева, Калиопи, Влатко Стефановски, Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Ана и Игор Дурловски и Дешира Амети-Крлиу, во придружба на оркестарот на Филхармонијата. Диригираше маестро Сашо Татарчевски, а новите оркестрации ги направи Никола Мицевски. Секој испеа по еден или два свои хита и една македонска народна песна.

    За време на настапот на 79-годишниот Карерас диригираше Давид Хименез, кој долги години соработува со оперската легенда.

    Сите музичари на крајот ја испејаа „Едно име имаме“. (Фото: К. Попов)

    Калиопи го спомена Гоце Николовски и рече дека неговото наследство не треба да се заборави.

    „Да ја чуваме оваа наша бесценета Македонија“, кажа Калиопи и ја испеа „Бисер балкански“. На нејзиниот хит „Месечина“, публиката направи ѕвездено небо.

    Каролина Гочева ја испеа песната „Ако згрешам“ од Пепи Бафтировски, како и нејзината „Од нас зависи“.

    „Само со љубов, оваа наша мила земја може да биде рај“, рече Каролина Гочева. Како изненадување при крајот, таа и Калиопи настапија во дует со Карерас. На крајот, сите музичари излегоа на сцената со Карерас и ја испеаја „Едно име имаме“ од легендарниот Јонче Христовски.

    Каролина Гочева и Хосе Карерас. (Фото: К. Попов)

    Славниот тенор во 2005 одржа концерт на отворањето на Охридско лето и шест пати беше вратен на бис. Пред неговиот настап вчера, на видеобим се покажа негово интервју снимено во Охрид пред 21 година за Македонската телевизија.

    „Да не бев пејач, сигурно повторно ќе се занимавав со уметност, можеби ќе бев фотограф. Мислам дека немаше да бидам хемичар, иако студирав хемија, но не ми одеше најдобро“, рече Карерас во интервјуто.

    Калиопи и Хосе Карерас. (Фото: К. Попов)

    Во рамките на програмата за одбележување 35 години независност, која ја организира „Авалон“ заедно со Владата, концертите во Скопје продолжуваат и вечерва. Од 20 часот на платото пред „Т Арена“ ќе се одржи „Најдоброто од Македонија“, на кој ќе настапат Слаткаристика, „Суперхикс“, „2 Бона“, „Фанк Шуи“ и Дина Јашари.

    На 4 септември од 20 часот на Плоштад Македонија ќе се одржи музичко-сценскиот настан „Силно светнал ден“, со кој завршува караванот што помина низ 11 градови во Македонија. Во програмата, која спојува музика, глума и танц, учествуваат повеќе од 120 уметници, а водители се Игор Џамбазов и Драгана Левенска. Влезот на двата настани е бесплатен.

    Прославата ќе заврши на 8 Септември, на Денот на независноста, со концертот на Дејвид Гета на Националната арена „Тоше Проески“.

    Владата сѐ уште нема објавено колку ќе чини прославата.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира