РЕЖИСЕРОТ АНДРЕЈ ЦВЕТАНОВСКИ ГИ ПОВИКА МИНИСТРИТЕ ОД САМИТОТ НА ОБСЕ ДА ДОЈДАТ НА ПРЕМИЕРАТА НА „ПИКНИК НА ФРОНТОТ“ ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР

    РЕЖИСЕРОТ АНДРЕЈ ЦВЕТАНОВСКИ ГИ ПОВИКА МИНИСТРИТЕ ОД САМИТОТ НА ОБСЕ ДА ДОЈДАТ НА ПРЕМИЕРАТА НА „ПИКНИК НА ФРОНТОТ“ ВО ДРАМСКИ ТЕАТАРЦветановски вели дека оваа претстава е за „лушпи“ од луѓе кои ја преживуваат војната и секој ден низ своите игри се обидуваат да избегаат од неа, но сè подлабоко влегуваат во неа. (Фото: Драмски театар)

    Режисерот Андреј Цветановски ги повикува македонските и странските политичари да дојдат на премиерата на претставата „Пикник на фронтот“ на 28 ноември во 20 часот во Драмски театар во Скопје. Во Скопје на 29 и 30 ноември ќе се одржи Министерски самит на ОБСЕ, на кој треба да дојдат сите министри за надворешни работи од Европа. Македонија годинава е претседавач со ОБСЕ.

    Цветановски вели дека оваа претстава според текстот на Фернандо Арабал е за луѓе, поточно едни „лушпи“ од луѓе кои ја преживуваат војната и секој ден низ своите игри се обидуваат да избегаат од неа, но сè подлабоко и подлабоко влегуваат во неа.

    „Додека работевме на претставата постоеше единство меѓу нас и тоа единство мислам дека генерално е многу важна работа за театарот. Тоа што го направивме има свои квалитети и она што го создадовме со овој материјал е интересно, возбудливо, ефектно и носи своја поента. Бидејќи нашата држава ја има честа да биде домаќин на Самитот на ОБСЕ на 29 ноември, државниците од нашиот ‘цивилизиран’ свет имаат шанса да присуствуваат на премиера на претставата. Би сакал да ги поканам и со тоа можеби ќе има ‘лушпа’ од човек помалку на нашата планета Земја“, вели Цветановски.

    Играат Биљана Драгичевиќ-Пројковска, Филип Трајковиќ, Дамјан Цветановски, Стефан Вујисиќ и Соња Стамболџиоска.

    „Задоволство беше да се работи со Андреј, да ни го открие неоткриениот свет на војната за кој сите секојдневно слушаме, гледаме, доживуваме. Тоа е трагичен свет, но и комичен во исто време. Мислам дека одамна на проби не сме се смееле толку, а во исто време и не сме плачеле“, вели Драгичевиќ-Пројковска.

    Дамјан Цветановски вели дека неговиот лик и ликот на Стефан Вујисиќ се војници кои се во војна, но немаат мотив,  двајцата се довлечкани со сила да се борат, а имаат детска наивност која проникнува низ најсериозните моменти.

    „Иако се натерани да се мразат едни со други, бидејќи едниот е на едната, а другиот на другата страна, некако со текот на времето се здружуваат“, вели Дамјан Цветановски .

    Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимограф е Раде Василев, а изборот на музиката е на Димитар Андоновски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира