РОМАНСКАТА ОПЕРСКА ДИВА ЕЛЕНА МОШУЦ ЌЕ ГО ОТВОРИ ОХРИДСКО ЛЕТО

    РОМАНСКАТА ОПЕРСКА ДИВА ЕЛЕНА МОШУЦ ЌЕ ГО ОТВОРИ ОХРИДСКО ЛЕТОДиректорката на Охридско лето Сузана Вренцовска и министерот за култура Роберт Алаѓозовски денеска ја соопштија програмата на 58. Охридско лето што се отвора на 12 јули (Фото: СДК.МК)

    Романската оперска дива Елена Мошуц, една од најдобрите оперски певици во светот, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе го отвори годинешното 58. издание на фестивалот Охридско лето. Сопранот Мошуц ќе пее заедно со тенорот Калин Братеску и со оркестарот на Македонската филхармонија, а раководството на Охридско лето го најавува како еден од најексклузивните концерти во фестивалската историја.

    „Елена Мошуц, која има бројни настапи на сцените на водечките оперски куќи, им се приклучува на оперските великани кои настапиле на Античкиот театар, Лео Нучи, Барбара Фритоли, Елина Гаранча, Дмитри Хворостовски, Џеси Норман, Хозе Карерас и многу други”, кажа министерот за култура Роберт Алаѓозовски, на денешната прес-конференција на којашто се промовираше фестивалската програма.

    Алаѓозовски додаде дека во програмата на годинешното фестивалско издание се застапени и најдобрите македонски уметници и оркестри и најави дека Министерството за култура годинава одвои 1,4 милиони денари за модернизирање на сцената Долни Сарај, која за кусо време ќе добие нов лик според сите светски стандарди. Ќе се осовременуваат самата сцена и гледалиштето, кои со текот на времето се прилично оштетени.

    „Со професионалноста и умешноста на новите селектори, професорот Васо Ристов и режисерот Александар Поповски, двајцата истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната музичка и театарска јавност, кои зад себе имаат богата меѓународна професионална кариера, внесовме свежина во програмата, притоа, задржувајќи го квалитетот по кој нѐ препознаваат повеќе од половина век”, рече директорката на Охридско лето Сузана Вренцовска.

    Годинава на Охридско лето ќе настапат врвните пијанисти Николај Лугански и Александар Маџар, Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас Бурдонкле, еден од најдобрите усни хармоникаши Антонио Серано, Барокниот ансамбл Вроцлавски од Полска, шпанската сопранистка Еугениа Боикс во пијано придружба на Ана Ферер, во традиционалната Вечер на Европска унија ќе настапи еден од најголемите австриски уметници, пијанистот Роберт Лербаумер, потоа Украинскиот камерен оркестар, Кинескиот бамбус-флејта оркестар и македонска група „Синтезис“.

    Според музичкиот селекторот Васо Ристов, посебно место во програмата има делото на Димитрие Бужаровски „Радомировиот псалтир“, со учество на оркестарот, солистите и хорот при МОБ, а под диригентство на Бисера Чадловска.

    Фестивалскиот оган годинава на 20 август ќе згасне на истото место како и свеченото отворање, на Античкиот театар, со театарската претстава „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци. Станува збор за копродукциски проект на Словенечки Народен Театар СНГ Драма Љубљана, Цанкарјев Дом и Градски театар. Во драмската програма има театарски претстави во најголем дел на домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска, Словенија. Ќе играат „Девојчето со жиците“ во режија на Марјан Неќак, копродукциски проект на СНГ Драма –Љубљана и Moving Music Theatre од Битола, „Мизантроп“, премиера на Театар „Комедија “ од Скопје во режија на Ана Вукотиќ, претставата „Дантоновата смрт“, во режија на Дино Мустафиќ, а во изведба на Албански Театар-Скопје и други.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира