Реномираниот македонски режисер Иван Поповски, кој над 3 децении живеешеи работеше во Русија, а последниве години живее во Македонија, а работи во Москва, ја доби наградата Ѕвезда на публиката, во категоријата Најдобар режисер за изминатата сезона. Публиката го награди Поповски за претставата „Обично чудо“ во реномираниот Театар Вахтангов во Москва.
„Оваа награда е основана во 2008. Оттогаш таа стана симбол на непристрасна оценка и јавно признание, бидејќи лауреатите ги избира најмасовното жири — повеќеилјадната публика. Победниците за 2024 ги одбраа повеќе од 178 илјади гласачи — токму толку луѓе учествуваа во гласањето за номинираните. Во текот на театарската сезона, публиката ги избира омилените претстави и ги номинира он-лајн на интернет портал. На крајот од секоја година, по резултатите од гласањето, на свечена церемонија се објавуваат победниците“, велат од тимот на Поповски.
Поповски речиси 30 години живееше во Русија, во врвот на културната елита и постави театарски и оперски претстави, меѓу другите и во Бољшој, кои беа оценувани со најпозитивни рецензии. Претставите на Поповски, кои руската критика ги оценува како спектакли, ги имаат добиено престижните награди „Кристален турандот“, „Музичкото срце на Русија“ и „Златен витез“ и медалот „Пушкин“.
Последен пат во Македонија работеше изминатава пролет, кога во Националната опера и балет (НОБ) ја постави операта „Трубадур“ за отворањето на Мајските оперски вечери, а претходно во МНТ ја режираше „Мајсторот и Маргарита“.