СЀ УШТЕ ИМАМ СТРАВ ВО КОСКИ КОГА ИЗЛЕГУВАМ ПРЕД БИТОЛСКАТА ПУБЛИКА, РЕЧЕ ЛАУРЕАТОТ НА ФЕСТИВАЛОТ НА МОНОДРАМА ЃОРГИ ЈОЛЕВСКИ

    СЀ УШТЕ ИМАМ СТРАВ ВО КОСКИ КОГА ИЗЛЕГУВАМ ПРЕД БИТОЛСКАТА ПУБЛИКА, РЕЧЕ ЛАУРЕАТОТ НА ФЕСТИВАЛОТ НА МОНОДРАМА ЃОРГИ ЈОЛЕВСКИ„Последната лента на Крап“ на Јолевски освои Гран-при и награда за најдобра режија. (Фото: СДК.МК)

    Монодрамата „Последната лента на Крап“ во режија и изведба на Ѓорги Јолевски, копродукција на Македонски народен театар (МНТ) и „Перипетија продукција“ е најнаградуваната претставата на 22. Интернационален фестивал на монодрама кој заврши вчера во Битола. Претставата освои Гран-при и награда за најдобра режија.

    „Секогаш имам многу трема кога играм пред битолската публика. Почнав овде да играм на 10 години, еве ме на 57 и сѐ уште имам страв до коски како ќе излезам пред битолската публика. Таа е навикната да гледа различни естетики од различни режисери и автори кои многу смело го коментираат светот во кој живееме и поставуваат принципи на комуникација преку естетските вредности. Публиката знае да препознае и да ги критикува оние кои не го држат чекорот“, рече Јолевски.

    Наградата за најдобро актерско остварување ја доби Билјана Драгичевиќ-Пројковска за улогата во монодрамата „Кармен“, во режија и драматизација на Дејан Пројковски, продукција Драмски театар.

    Наградата од публика која традиционално ја доделува Општина Битола заврши кај актерот Ефтим Гаурски за монодрмата „Избувливиот човек“ во режија на Перо Даниловски, а во продукција на Центар за култура „Бели мугри“ од Кочани.

    На фестивалот беа одиграни 10 домашни монодрами.

    Фестивалот заврши вчера со претставата „Луди за љубов“ во режија на Јован Ристовски, авторски прокет на Хари Михајловски, а играа актерите Борис Чоревски, Илина Чоревска, Хари Михајловски и танчерот Валентино Апостоловски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира