Во велешката манастирска црква „Св. Димитрија“ во тек е конзервација на новооткриените фрески кои датираат од 14. век. Една од фреските, која беше откриена изминатите години во црквата крај Велес, е исчистена и реставрирана. Таа во целиот свој раскош прикажува дел од Страшниот суд. Фреската е во нартексот на црквата, на северниот ѕид.
Еден помал дел од неа веќе е сочуван и конзервиран, додека на останатото работат стручните лица од Националниот конзерваторски центар (НКЦ).
„Работиме на механичко чистење на нечистотии, изработка на ретуш и китирање на фреските од раниот дел на 14.век. Тие се откриени пред некоја година, под живописот од 19 век кој го раслоивме. Следи фаза на микроскопско гледање на сите тие елементи и реконструкции. Работата е спора, бара внимание и концентрација“, вели Владо Муковски, конзерватор на ѕидно сликарство при НКЦ.
Непознат автор на ѕидот од црквата го нацртал Страшниот суд, прекрасна илустрација на верското учење која е многу вредна и фасцинантна. Муковски вели дека оваа прекрасна композиција потребно е да се претстави на јавноста оти е вредна и значајна, а црквата да биде популаризирана и посетена. Откриен е и ктиторот на црквата, кој во левата рака ја држи нејзината макета. Тој е во раскошна одежда, каде има двоглав орел, симбол користен во Византија, а подоцна прифатен од други народи и држави. Може да се забележи дека се сочувани фреските на северниот и источниот ѕид од припратата (влезот на црквата), додека тие на јужниот и западниот ѕид се уништени.
„Како и во повеќето цркви од поствизантискиот период, претставен е Страшниот суд. На источниот ѕид е претставен Христос како судија, во второто негово доаѓање. Тој ги повикува сите мртви од земјата и морињата да излезат пред судијата. Во горната зона, Христос како судија седнат со десната рака ги повикува одбраните и покажува да одат во рајот, додека грешните ги одбива од себе. Во долниот дел се архангелите“, вели Елица Николова, историчарка на уметност од Народен музеј Велес.
Во моментов уште е неизвесно кога досегашната петгодишна работа ќе може да се види јасно и исчистена од временските наслаги. Актуелните временските услови не дозволуваат други активности, а токму оваа екипа е испратена со години да работи во ноември, кога ладното време не дозволува употреба на вода оти може да настанат оштетувања.
П. ПЕЧКОВ