СЕ УКИНУВААТ НОВОГОДИШНИОТ КОНЦЕРТ НА МОБ И БОЖИЌНИОТ НА ФИЛХАРМОНИЈАТА

    СЕ УКИНУВААТ НОВОГОДИШНИОТ КОНЦЕРТ НА МОБ И БОЖИЌНИОТ НА ФИЛХАРМОНИЈАТАМакедонската опера и балет на 1 јануари 2015 во Македонскиот народен театар, за прв пат одржа гала концерт со оперски и балетски солисти и со Оркестарот на МОБ (Фото:М.Златевска )

    Се укинуваат Новогодишниот концерт во Македонскатата опера и балет (МОБ) и Божиќниот концерт на Македонската филхармонија.

    Двата празнични концерти беа воведени во 2015 година, со одлука на тогашната Влада на чело со премиерот Никола Груевски, а ги најавија министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, и тогашните директори на двете институции, Дејан Прошев и Маја Чанаќевиќ.

    Тие на крајот на 2014 година најавија дека идејата е концертите да станат традиционални за најголемите семејни празници.

    В.д. директорот на МОБ, Илија Рајковски ни рече дека Новогодишниот концерт се откажува бидејќи бил целосно неекономичен.

    „На 12 и на 13 јануари, традиционално го организираме гала концертот во чест на празникот Василица. Нема логика за толку кратко време да организираме два празнични концерти“, ни изјави Рајковски.

    Виктор Илиески, в.д. директор на Филхармонијата, вели :„Божиќен концерт нема да има, затоа што тоа беше голема глупост. Со одлука на претходната Влада, на некој начин со декрет се наложи Филхармонијата да има концерт на најголемиот православен христијански празник Божиќ точно на пладне. Јас во Филхармонија сум од 2000 година, не можам никогаш да ги заборавам Новогодишните концерти, сме имале по три, четири распродадени концерти во Домот на Aрмијата. Тоа е традиционален филхармониски концерт и така и ќе остане“, кажа Илиески.

    Филхармонијата ќе го одржи празничниот концерт на 28 декември, под диригентство на Јерухам Шаровски, кој во 1990 година ја добил наградата наградата од Зубин Мехта ” млад артист на годинината” по што и диригирал со Израелската филхармонија.

    „Како големо изненадување на вечерта, одговорноста им ја дадовме на двајца прекрасни македонски пејачи кои своето образование го завршија во Австрија, лулката на Штраус. Но. оваа година ќе биде мошне интересна“, најавува Илиески.

    МОБ на 1 јануари 2015 година во 20 часот, во тогаш скоро отворениот Македонски народен театар (МНТ), за прв пат одржа гала концерт со оперски и балетски солисти и со Оркестарот на МОБ, а Филхармонијата пак, на 7 јануари напладне го одржа Божиќниот концерт.

    Празничните настани се организираа и во 2016 и во 2017 година, а билетите за Новогодишниот концерт чинеа по 800 денари, додека за Божикниот по 500 денари.

    Уште тогаш, Сојузот на синдикати на музичко-сценски работници на Република Македонија, реагираше на одлуката на Владата за концертите, дека е директива и наредба за одржување на концерт на државен празник и на најголемиот православен христијански празник.

    Музичарите од МОБ и од Филхармонијата тогаш реагираа со образложение дека овие празници се загарантирани за сите граѓани на Македонија и тврдеа дека дека никој од речиси 550 вработени во овие две институции не бил консултиран пред да биде донесена одлуката.
    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира