Режисерот и актер Коле Ангеловски синоќа ја доби наградата „Васил Иљоски“ на отворањето на 26.Меѓународен театарски фестивал Денови на комедија 2023 во Куманово. Осумдесетгодишниот Ангеловски, кој ја доби наградата за постигнати трајни вредности во областа на културата и театарот, е еден од основачите на фестивалот, одиграл над 100 улоги, а режирал и над 100 претстави.
„Сега пред мене е перспектива за нови остварувања“, рече Ангеловски и ја насмеа публиката, и додаде: „Најмалку 30 мои претстави биле на 26-те години на овој фестивал и секогаш било вака. Огромна радост ми е и секогаш сум бил среќен кога ќе дојдам во Куманово, сум седел по скали и секогаш сум бил пресреќен од реакцијата на кумановската публиката. А јас се надевам дека сум ве направил среќен вас со моите комедии“.
На фестивалот во овие две децении играле 210 претстави на професионални театри од земјава и регионот, а ова издание го отвори претставата „Синиот Портокал“ од Велешки театар. Годинава ќе играат 11 комедии на театри од Македонија, Србија, Хрватска и од Бугарија.
Денови на комедијата трета година по ред има и натпреварувачки карактер, а ќе биде затворен на 15 октомври кога ќе бидат доделени наградите за најдобра претстава, најдобра женска и машка улога, потоа најдобри сценографија, костимографија и најдобра режија.
С. НИКОЛИЌ