Актерска ѕвезда со душа на дете, колега чие отсуство боли и лути, актер чија енергија ќе ѝ недостасува и на публиката и на театарот, се дел од зборовите со кои колегите од Македонскиот народен театар (МНТ) се простија на денешната комеморација од глумецот Владимир Ендровски-Љац, кој почина на 20 август на 60 години.
Тешко е да се зборува за колега во минато, за македонскиот Ал Пачино, рече Арна Шијак во име на ансамблот на неговата матична куќа, каде беше вработен од 1993.
„За мене ти си една од најсветлите легенди на времево и местово што ги живееме. Го обележа со радост духот на овој театар и сцена што заеднички ја создаваме. Ги обележа моите драми и претстави уште од академија. Ги бркавме истите соништа. Ретко кој глумец може така да ме насмее, да ме инспирира. Секогаш ќе бидеш многу подбар глумец од Ал Пачино, драг мој Љац“, вели драматургот Дејан Дуковски во неговото писмо до Љац.
Актерот Нино Леви се потсетуваше на дружењата и анегдотите од патувањата со Љац низ поранешна Југославија.
„Во изминатите години откако се разболе не сакаше да се гледаме, ама се слушавме често. Редовно ја спомнувавме дешавката од Будва, кога немавме пари за кафе и одново паѓавме од смеа. Последниот пат кога се чувме, со чудесна леснотија без ронка патетика ме праша: ‘А бе Нинка, ќе ми дојдеш на погреб, знаеш ми се ближи крајот, сакам да ги поздравиш Никола, Тони, Владо и Јоцо. Прв и последен пат нашиот разговор да заврши со горчина во душата. Љац нè напушти, но ќе останат неговите дела, спомените на прекрасните дружби. И за тоа ти благодарам“, рече Леви.
Актерот Владимир Јовановски со големи емоции зборуваше за Љац, како колега и негов венчален кум.
„Ми доцнеше на свадбата половина час. И дојде како најголема ѕвезда, како што и беше. На крштевската на мојот син Григор, му се обрати на попот со Дедо Боже. И му вели: ‘Јас сум голем верник. Нема ден, а да не запалам некоја црква. Останаа многу теми недозборувани, многу соништа нераскажани“, рече Јовановски.
Б. НЕСТОРОСКА