СЕКОЈА РАБОТА Е ТЕШКА, НО МОЖЕ ДА БИДЕ И ЛЕСНА АКО СЕ ОДНЕСУВАТЕ ЧЕСНО И ОДГОВОРНО КОН НЕА, РЕЧЕ ШТИПСКИОТ АКТЕР РАДЕ РОГОЖАРОВ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕТО

    СЕКОЈА РАБОТА Е ТЕШКА, НО МОЖЕ ДА БИДЕ И ЛЕСНА АКО СЕ ОДНЕСУВАТЕ ЧЕСНО И ОДГОВОРНО КОН НЕА, РЕЧЕ ШТИПСКИОТ АКТЕР РАДЕ РОГОЖАРОВ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕТО„Заминувам во пензија, ама јас секаде ќе бидам тоа што сум бил цел живот, глумец, музичар, но и искрен човек, весељак и пријател со сит“ рече синоќа Рогожаров. (Фото: СДК.МК)

    Познатиот штипски театарски и филмски актер, музичар и телевизиски шоумен, Раде Рогожаров по претставата „Демонот од Дебар Mаало“ што се изведе во чест на Светскиот ден на театарот 27 март во Народниот театар во Штип, рече дека заминува во пензија и се простува од професионалното театарско актерство за што од колегите доби цвеќиња и подароци за сеќавање, а од публиката долг аплауз.

    „Не знам зошто не ги архивираме нашите работи, лично сакав да си ги архивирам, како што е сега и овој момент, кога за последен пат стојам на сцената, споделувајќи моменти на радост. Зошто? Затоа што театарот носи радост. Сакам да споделам момент како се чувствуваме, ние актерите во името на целиот ансамбал на Народниот театар во Штип“ ,со силни емоции рече Рогожаров, раскажувајќи дел од своите животни театарски приказни.

    „Некои ми велат, е вашата работа е лесна, како песна е, а јас, е па ајде дојди и испеј ја нека ти биде како песна“ му одговорил Рогожаров на некој познаник.

    „Секоја работа е тешка, но може да биде и лесна само ако чесно и одговорно се однесувате кон истата. Ако се нурнете во професијата, во занаетот, и во она што го презентираме, прикажуваме и споделуваме со јавноста и публиката, ако сме искрени кон тоа што го работиме, тогаш ќе бидат неизбежни посакуваните резултати“, вели штипскиот актер и додава: „Една премиера ја паметам, беше на Покровита Богородица. Одам во Црква и назад кон Народниот театар гледам надолу за да не се сретнам со никого затоа што сум целиот посветен на ликот што треба да го толкувам. Но, по пат ме сретна пријател, а јас да го избегнам и натаму гледам надолу по цена и да помисли дека сум занесен. Но, пријателот по штипски на одминување само ми довикна, Е, па, ајде, гледај вечер да не ме засрамеш“ рече Рогожаров на неговото пензионерско евоцирање спомени од театарскиот живот.

    „Некои ми велат, е вашата работа е лесна, како песна е, а јас, е па ајде дојди и испеј ја нека ти биде како песна“ вели Рогожаров. (Фото: СДК.МК)

    Раде Рогожаров кој важи за еден од најпозитивните актерски ликови со постојана насмевка и позитивен дух и на театарската и музичката сцена во Македонија е роден 1960 во Штип. Дипломирал на Факултетот за драмска уметност во Скопје во класата на професор Владимир Милчин. Сите над 100 театарски улоги што имал му се мили, исто како што му се важни и неколкуте улоги во филм од кои ја издвојува улогата во филмот „Среќна нова 49“ рече Рогожаров кој прв пат на професионалните штици на Народниот татар во Штип застанал во 1988.

    На крајот рече: „Заминувам во пензија, ама јас секаде и дома ќе бидам тоа што сум бил цел живот, глумец, музичар, но искрен и чесен човек, весељак и пријател со сите“.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира