Семејството на култниот македонски режисер Кирил Ценевски (1943-2019) ѝ ги предаде на Кинотеката на чување и изложување дел од наградите и признанијата кои режисерот ги доби во текот на својата извонредна авторска кариера. Наградите и признанијата се изложени во фоајето до киносалата на Кинотеката.
Станува збор за следниве награди и признанија: Златна арена за режија добиена на Филмскиот фестивал во Пула (1971); награда „Жар птица“ за најдобар режисер дебитант на фестивалот во Москва (1971); признание од Американската академија за филмски уметности и науки, Лос Анџелес, САД, за „Црно семе“ кој беше југословенски кандидат за Оскар за најдобар странски филм (1972); Специјална награда од жирито на фестивалот во Карлови Вари за филмот „Јад“ (1976); награда Ц.И.Д.А.Л.Ц. од Меѓународниот комитет за промоција на уметноста и книжевноста преку филм, доделена за филмот „Оловна бригада“ (1980); како и двете признанија кои Ценевски ги доби за животно дело – Златен објектив за исклучителен придонес во македонската кинематографија, доделен од Кинотека на Македонија во 2013 и прв добитник на Голема ѕвезда на македонскиот филм, од Друштвото на филмските работници на Македонија, доделена на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола во 2013.
Ценевски, македонски режисер и сценарист, е еден од најнаградуваните филмски автори во историјата на домашната кинематографија. Студирал на Архитектонскиот факултет во Скопје, а со киноаматеризам се занимавал уште во студентските денови. Во 1983 година завршува постдипломски студии на Универзитет Јужна Калифорнија, Факултетот за филм и телевизија, Лос Анџелес, САД (Университѕ оф Соутхерн Цалифорниа – Сцхоол оф Цинема анд Телевисион).
Првпат професионално е ангажиран на игран филм како асистент на режија во филмот „Цената на градот“, (Љубиша Георгиевски, 1970), а веќе со својот прв игран филм „Црно семе“, (1971) го привлекува вниманието на критиката и филмската јавност. Следуваат играните филмови „Јад“ (1975), „Оловна бригада“ (1980) и „Јазол“ (1985), документарните филмови „Џафра“ (1978) и „Хуаскаран – Анди’82“ (1984), како и поетските портрети на добитниците на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, Леополд Седар Сенгор, Фазил Хисни Дагларџа, Еугенио Монтале, Рафаел Алберти и Ежен Гилвик, реализирани помеѓу 1975 и 1979 година.