СЕРГЕЈ АНДРЕЕВСКИ В ЧЕТВРТОК ЈА ОТВОРА РЕТРОСПЕКТИВНАТА ИЗЛОЖБА „ХАРТИИ“

    СЕРГЕЈ АНДРЕЕВСКИ В ЧЕТВРТОК ЈА ОТВОРА РЕТРОСПЕКТИВНАТА ИЗЛОЖБА „ХАРТИИ“Сликата „Птица“ од Андреевски од 1990 е дел од изложбата.

    Сликарот Сергеј Андреевски в четврток ја отвора изложбата „Хартии“, ретроспектива на неговите истражувања врз различни видови хартија со различни материјали во изминативе 35 години. Изложбата е во фоајето на Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.

    Ќе бидат изложени дела од различни фази и тематски циклуси, почнувајќи од дела создадени уште во раните студентски денови (од 1983) па до последните патувањата на сликарот низ светот. Ќе бидат изложени и творби на хартија од римската фаза (слики, скици и цртежи создадени за време на студискиот престој на Андреевски во Рим, Италија, веднаш по завршувањето на Факултетот за ликовна уметност во Скопје), од нирнбершката фаза (слики, цртежи и скици од студискиот престој во Нирнберг, Германија), цртежи од Франција (од престојот и поддршката на азилот за диви животни Le Refuge de l’Arche и престоите во Cite Internationalle des arts), цртежи од Јапонија (сликани на традиционална рачно изработена хартија, главно од прочуената семејна работилница Ивано), слики и цртежи од Америка, Тунис, Египет.

    На изложбата ќе бидат претставени и дела од циклусот „Кучињата лаат” што премиерно беше изложен во Москва во 2015 и дела од циклусот „Цвеќулиња” што за првпат беа изложени во Берлин во 2012, како и скици и цртежи од мал формат што Андреевски ги изработил за време на патувањата во авион, автобус, на брод.

    Најголемиот дел од сликите, цртежите и скиците се прошетани на неколку континенти, но никогаш досега не биле изложени пред македонската јавност.

    Куратор на изложбата што ќе биде отворена до 12 јуни е д-р Кирил Пенушлиски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира