СЕСТРИ, БРАТ

(Кон „Сестри“ на Дина Дума; играат Антонија Белазелкоска, Миа Жиро, Ханис Багашов, Марија Јанчевска, Верица Недеска)

    СЕСТРИ, БРАТ

    „Филмот е за чудноста да се биде млад, за она искуство кога стануваш човечко суштество и кога го обликуваш своето јас“. Вака главниот уредник на „Њујоркер“ Дејвид Ремник го опишува филмот „Ликорис пица“ (Licorice Pizza – според името на култна продавница за плочи во Јужна Калифорнија) на еден од најзначајните современи филмски автори, Пол Томас Андерсон.

    Овој опис би можел да се примени на „Сестри“, дебито на Дина Дума и македонски кандидат за Оскар 2022, поради возраста и животниот стил на протагонистите – ако „Сестри“ навлезел во суштината на своите млади протагонисти и поуспешно се справил со драмската структура наместо да зборува со општи филмски флоскули кои ја задоволуваат потребата од идеолошка изјава, ама не и потребата да се разбере младиот човек во центарот на филмот. Главните ликови се тинејџери кои живеат во духот на времето, во две рамноправни реалности – со жив контакт и онлајн – лесно преоѓајќи од едната во другата. Но, авторката сакала филмот да биде поучен, да биде поука на тема врсничко насилство, поттема онлајн родово врсничко насилство.

    По сценарио на Дума и Мартин Иванов, „Сестри“ е приказна за две тинејџерки најдобри другарки, Маја (Антонија Белазелкоска) и Јана (Миа Жиро). Маја е тивка и повлечена, Јана е гласна и џамбаз. Маја е вљубена во школскиот љубовџија Крис (Ханис Багашов).  Кога Маја и Јана на една журка ќе го фатат Крис на сексдело со Елена (Марија Јанчевска), ќе ги снимат и од љубомора снимката ќе ја пуштат на социјалните мрежи. Јасно, снимката станува вирална, и тоа што било онлајн гест за одмазда изведен во афект, во живо станува малтретирање. Малтретирањето кулминира кога Маја и Јана ќе ги врзе страшна тајна.

    Филмот стилски има два дела но ги поврзува истата, верувам добронамерна, амбиција да се „прати порака“. Додека филмот се движи со речиси документарен приказ на животот на тинејџерите, со секс, дрога и алкохол, темпото е брзо. Кога двете девојки ќе ги врзе страшната тајна, настанува драмскиот пресврт, но тука почнува и проблемот оти филмот се закочува. Веројатно е почетничка драматуршка грешка, оти заплетот на филмот не продолжува да се развива. Дополнителен клучен проблем е тоа што двата главни лика се еднодимензионални – Маја е добра, Јана е ептен, дури социопатски лоша – и ниту еден од нив нема комплексност ниту развој соодветен на драмата која филмот ја сугерира. Поради тоа, во вториот дел на филмот, како да се исплакнува човечката димензија на приказната и филмот добива тон на поука. Поука на тема врсничко насилство, поттема онлајн родово врсничко насилство.

    Ова е секако тема за која треба да се зборува. Но, во темата врсничко насилство битно е насилството и последиците од него, а не е битно дали насилството се врши во школски двор или на Интернет. Врсничкото насилство не е тема оти се постира на Инста или на Фејсбук и ТикТок, туку оти е нормализирано затоа што оваа култура стигматизира отворен муабет за каков било психички проблем и страдање. Со ваквиот однос, културата многу го оптеретува поединецот, особено младите кои допрва го обликуваат своето јас.  За жал, „Сестри“ не се бави со тоа како и зошто во општеството се нормализира насилството, туку без обид за разбирање се бави со фасцинацијата од животниот стил на современите тинејџери. Со самото тоа суди од надвор, наметнува (малограѓански) суд.

    Погледот врз различна култура, без оглед дали станува збор за култура на различен народ или на различна генерација, е празен и малограѓански ако остане само на фасцинација од различноста, а не се обиде и да разбере. Во тоа како во „Сестри“ се претставени тинејџерите нема обид да се разбере нивното живеење или суштината на тие човечки суштества, туку има само исчудување од дистанца, просто како да слушаш иииии, уааааау. Отприлика како што на нашите баби и дедовци им изгледале нашите родители, со долгите коси и фармерките и гласната музика што ја викале рокенрол.

    Затоа би потенцирала дека за едно уметничко дело темата сама по себе не е доволна. Треба и умешност да се раскаже прикаската со сета комплексност и универзално значење, а богами и вистинско разбирање на ликовите – тоа е разликата меѓу уметничко дело од една, и тв репортажа или активистички/политички памфлет од друга страна.

    Младата Антонија Белазелкоска, е годинашното македонско филмско лице (игра главна улога и во краткиот „Северен пол“ на Марија Апческа, првиот македонски филм во конкуренција за Златна палма во Кан). Нејзиното експресивно лице, со големи очи и детски радосна насмевка, е алатка што разоружува и со својата кротка енергија таа во голема мерка го износува филмот. Миа Жиро пренагласено глуми фам фатал и тоа не помага нејзината Јана да добие малку повеќе боја од она што е напишано во сценариото. Впечатлива епизода има Верица Недеска, која ја игра мајката на Маја, напуштена од сопругот поради друга жена, со трогателна отсутност на скршена душа потоната во тага.

    Битна вредност на филмот е продукцискиот дизајн на Симо Бранов и Кирил Спасески, кои успешно рекреирале текстура на амбиенти веќе типични за македонската посткомунистичка транзиција – пренатрупани раскапани ентериери и екстериери на густо набиени згради со излупени фасади. Комплементарна на продукцискиот дизајн е и камерата на Наум Доксевски, чии кадри со прозрачна светлина најубаво ја сликаат тинејџерската безгрижност. Дискретната, минималистичка музика на Игор Василев-Новоградска е како ехо на злослутност и фино ја одржува атмосферата.

    „Сестри“ имаше светска премиера на фестивалот во Карлови Вари и ја освои Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот.

    Марина КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира