ШПАНСКИ ФЛАМЕНКО БАЛЕТ ВЕЧЕРВА НА АНТИЧКИ ТЕАТАР ЗА 62. РОДЕНДЕН НА ОХРИДСКО ЛЕТО

    ШПАНСКИ ФЛАМЕНКО БАЛЕТ ВЕЧЕРВА НА АНТИЧКИ ТЕАТАР ЗА 62. РОДЕНДЕН НА ОХРИДСКО ЛЕТОАмбасадорот на Шпанија, Хосе Луис Лосано Гарсија, кажа дека со години со задоволство соработуваат со фестивалот (Фото: СДК.МК)

    Со изведбата на балетот „Луксурија“ од Шпанија, една од најспектакуларните фламенко продукции на светот, вечерва на Антички театар ќе се одбележат 62 успешни години на фестивалот Охридско лето.

    „Четврти август, денот кога започна Охридско лето, го славиме со огромна возбуда, но и одговорност поради значењето и големината на оваа наша најголема музичко-сценска манифестација. Низ годините, тука настапиле најзвучните имиња од светот на музиката и театарот. Звуците на класичната музика во ‘Света Софија‘, грандиозните дела на Антички театар и квалитетните и атрактивни театарски претстави се само доказ дека во древниот Охрид повеќе од половина век се негува музичката и театарската совршеност“, рече директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција.

    Таа додаде дека над 1.000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи и музичари годинава ја вознесуваат убавината на уметноста и создаваат магија во која уживаат бројни љубители на уметноста.

    „За повеќето настани се бара карта повеќе, што за нас значи потврда дека сме на вистинскиот пат. Остануваме посветени и доследни на она што го трасирале генерации пред нас“, истакна Поповиќ.

    Амбасадорот на Шпанија, Хосе Луис Лосано Гарсија, рече дека Охридско лето е најпрестижниот меѓународен фестивал во Северна Македонија.

    „Амбасадата на Шпанија во Скопје со години соработува со фестивалот, со цел да ги претстави шпанските музички уметници во неспоредливиот амбиент на Охрид. Чест е за Амбасадата да биде дел од овој фестивал“, изјави Гарсија.

    Хаиме Транкосо од менаџментот на Фламенко агенцијата кажа дека овој перформанс го подготвувале уште пред пандемијата и посебно се среќни што ќе се изведе на Охридско лето.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира