„Приказната за Силјан“, третиот документарец на Тамара Котевска, на фестивалот во Краков Полска ја освои наградата на Меѓународната федерација на филмски критичари- ФИПРЕСЦИ, еднa од најстарите професионални асоцијации во светот што обединува здруженија на филмски критичари од 90 земји на сите континенти, кое годинава слави 101 година. Ова е само трет македонски филм што ја добива оваа значајна награда за 35 години самостојна Македонија – првиот беше „Пред дождот“ на Милчо Манчевски на фестивалот во Венеција 1994, а вториот „Џган“ на Вардан Тозија во 2016 во Приштина.
ФИПРЕСЦИ има свои меѓународни жирија на стотина фестивали во светот, кои доделуваат награда што е меѓу официјалните фестивалски признанија.
Во Краков, жирито беше составено од филмски критичари од Полска, Словачка и Германија, кое во образложението на наградата за „Силјан“ вели дека тоа е филм што „убедливо ги спојува впечатливите, магични слики со социјалната траума, додека воведува уникатен пар протагонисти: човек и штрк. Преку прикажувањето на распаднати семејства и необично пријателство, филмот на крајот пренесува порака на надеж – понекогаш бајката може да триумфира над суровата реалност“.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал во 2025, вон конкуренцијата за награди во документарната програма. Беше македонски кандодат за Оскар во категоријата за Најдобар странски филм, а имаше квалификација и за категоријата Најдобар документарец, но не доби номинација. „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци, го откупи „Силјан“ за прикажување, а на 28 ноември 2025 ја имаше американската кинопремиера во Њујорк, а од јануари годинава играше и во кината низ Македонија. Филмот освои и неколку значајни награди, а уште се рикажува на филсмките фестивали.
Во септември 2025, македонската филмска критичарка Марина Костова беше избрана за потпретседателка на ФИПРЕСЦИ, како прв филмски критичар од Македонија избран во раководстото на ова федерација во 100-годишната историја. Во новиот одбор за нов претседател на ФИПРЕСЦИ е избран Ахмед Шауки од Египет, а покрај Костова за потпретседателки се избрани и Паола Касела од Италија и Елена Рубашевскаја од Украина.



