„СИЛЈАН“ НА КОТЕВСКА ВЕЧЕРВА ИМА АМЕРИКАНСКА ПРЕМИЕРА ВО ЊУЈОРК

    „СИЛЈАН“ НА КОТЕВСКА ВЕЧЕРВА ИМА АМЕРИКАНСКА ПРЕМИЕРА ВО ЊУЈОРК„Вечерашната американска премиера е моментот кога филмот се среќава со американската публика, критичарите и фестивалските селектори“, вели продукцијата. (Фото: „Конкордија“)

    Американската премиера на документарниот филм „Силјан“ на македонската режисерка Тамара Котевска е вечерва во Ај-Еф-Си (IFC) Центарот во Њујорк.

    Веднаш по проекцијата ќе следи разговор со публиката на која ќе учествуваат Котевска, која е и продуцентка, и Жан Дакар, кинематографер и продуцент).

    „Силјан“ е македонски кандидат за Оскар за Најдобар странски филм за 2026, a во септември „Нешнл џиографик документари филмс“ (National Geographic Documentary Films), еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци го откупи за прикажување. Според правилата на Американската филмска академија, со оглед дека има американски дистрибутер, „Силјан“ може да се квалификува како кандидат за Оскар и во категоријата Најдобар документарен филм. За квалификација за номинација за Најдобар документарен филм, документарниот филм мора да се прикажува во кино во определени области во САД седум дена непрекинато во перидот од 1 јануари 2025 до 31 декември 2025 година.

    Номинациите за Оскарите ќе бидат објавени на 22 јануари 2026, а доделувањето е на 15 март.

    „Вечерашната американска премиера е моментот кога филмот се среќава со американската публика, критичарите и фестивалските селектори. Се очекува голем интерес и од македонската заедница во Њујорк, која го следи успешниот лет на Силјан“, велат од продукцијата.

    Премиерата во Македонија уште не е утврдена и ќе зависи од натамошната кампања за САД.

    Котевска има 2 номинации за Оскар за првиот документарец „Медена земја“ кој заедно го режираше со Љубомир Стефанов, а кој во 2020 имаше историски две номинации – и за најдобар странски филм и за најдобар документарец.

    „Силјан“ е филм за иселувањето во источна Македонија, снимен во Овчеполието. Инспириран од народната приказна за момчето Силјан, кое по кавга со татко му се претвора во штрк и заминува од дома, филмот е приказна за односот на еден земјоделец со бел штрк.

    Светската премиера на „Силјан“ беше на 29 август, вон конкуренција за награди во официјалната селекција на 82. Венециски фестивал. Филмот ја доби независната паралелна награда „Филм и уметност“ (Cinema and Arts Award) за најдобар филм, една од 42-те различни паралелни награди кои ги доделуваат организации кои не се поврзани со Венецискиот фестивал, за нив одлучува независно жири и за нив се квалификуваат сите филмови кои играат во официјалните програми на Венеција, без оглед дали се во или вон конкуренцијата за награди.

    По премиерата, „Силјан“ доби многу позитивни рецензии. Меѓу нив, „Индивајар“ рече дека е „Триумф… Болно прекрасен… Одличен документарец кој е и заносно поетско дело…“. „Холивуд рипортер“ рече дека е „апсолутен шармер, трогателен поглед на врската меѓу човек и птица, со сите нејзини мистерии, топлина и практични предизвици“. „Скрин дејли“ вели „Извонредно…импресивно достигнување: прекрасна и нежно меланхолична поезија за еден нежно меѓусебно поврзан екосистем нарушен од притисоците на современиот живот во Македонија…“. „Скрин интернешенел“ вели дека „Силјан“ е „извонредно и импресивно достигнување“ и филм што би можел да биде фаворит на фестивалите и да се најде во трка за награди“

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира