СИНЕДЕЈС ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА ОТВОРЕНО НИЗ НЕКОЛКУ СКОПСКИ ПАРКОВИ ОД 18 ДО 24 СЕПТЕМВРИ

    СИНЕДЕЈС ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА ОТВОРЕНО НИЗ НЕКОЛКУ СКОПСКИ ПАРКОВИ ОД 18 ДО 24 СЕПТЕМВРИВо седум фестивалски вечери, покрај Парк МКЦ и Градски парк во Скопје, како нов простор за кино на отворено ќе се промовира и паркот Ибни Пајко, како и голем број на други локации низ целиот град; - МКЦ летово организираше кино на отворено во нивниот парк. (Фото: МКЦ)

    Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе го организира 19. издание на Фестивалот на европски филм Синедејс со филмски проекции на отворено. Фестивалот кој вообичаено се одржува во ноември, поради коронакризата се помести за месецов,  од 18 до 24 септември низ Скопје.

    „Синедејс оваа година за прв пат ќе стане ‘летен’ филмски фестивал. Вистинското уживање на филмот е во кино прикажувањето, а големината на фестивалите е и нивниот континуитет. Во моменти кога е голема неизвесноста околу мерките и форматите на организација во затворен простор, одлучивме 19.то издание на Синедејс сепак се одржи, со кино проекции на отворено.

    Со цел што е можно повеќе публика да ужива во кино проекциите, решивме цел град да го претвориме во кино. Во седум фестивалски вечери, покрај Парк МКЦ и Градски парк во Скопје, како нов простор за кино на отворено ќе го промовираме и паркот Ибни Пајко, како и голем број на други локации низ целиот град“, ни изјави директорот на МКЦ, Русе Арсов. Повеќе информации за прогрмата ќе соопштат наскоро.

    Поради пандемијата на ковид-19, голем број од културните манифестации од март навака се поместени, некои се одржаа онлајн, некои само со домашни уметници и со скратени програми. Охридско лето, Струшките вечери на поезијата и Танц фест Скопје се одржаа под строги протоколи за заштита. Неодамна, Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола соопшти дека наместо повеќе денови, ќе се одржи само еден ден, на 19 септември, и тоа само со говори и доделување на награди и онлајн активности.

    Директорката на Фестивалот, Гена Теодосиевска кажа дека ќе ја почитува одлуката на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) за годинашното одржување на фестивалот, иако таа самата, како што рече, имала предлози за онлајн проекции, но секако дека на крајот сите се согласиле дека е непримерно да се пуштаат филмови онлајн и да се оценува уметноста на филмската камера.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира