СКЕНИРАНИ СКОРО СИТЕ СТАКЛЕНИ ПЛОЧИ СО НЕГАТИВИ ОД БРАЌАТА МАНАКИ, ДО СЕПТЕМВРИ ЌЕ ЗАВРШИ ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА НА НИВНОТО ТВОРЕШТВО ВО БИТОЛА

    СКЕНИРАНИ СКОРО СИТЕ СТАКЛЕНИ ПЛОЧИ СО НЕГАТИВИ ОД БРАЌАТА МАНАКИ, ДО СЕПТЕМВРИ ЌЕ ЗАВРШИ ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА НА НИВНОТО ТВОРЕШТВО ВО БИТОЛАСо потфатот досега се опфатени дури 98 проценти од негативите (Фото: СДК.МК)

    Дигитализирани се скоро сите зачувани стаклени плочи со негативи од творештвото на првите сниматели на Балканот, браќата Манаки, кои ги има околу 6.800 во битолското одделение на Државниот архив. Со потфатот досега се опфатени дури 98 проценти од негативите и останати се уште неколку плочи кои поради димензиите не е возможно да се скенираат. Но, десетчлениот тим кој работи на дигитализацијата на оставштината на снимателите бара соодветен начин да ги зачува и нив во дигитална форма.

    Фондот 580 на браќата Манаки, зачуван во Одделението на Државниот архив во Битола, комплетно се дигитализира во рамките на програма на Британската библиотека од Лондон, финансирана од фондацијата „Аркадиа“. Грантот што го доби Архивот во износ од 46.300 фунти во траење од 24 месеци овозможува дигитализација на 20.000 фајлови, 6.800 стаклени негативи, 9.000 оригинални фотографии, 3.000 рол и план филмови и на документарниот материјал сместен во шест архивни кутии со преку 3.000 архивски единици.

    „Имаме голем напредок во дигитализацијата. Целокупниот материјал од стаклените негативи плочи веќе е скениран. Комплетно е дигитализирана и документацијата, односно нивните документи, преписки, тефтери. И нивните лични фотографии се стопроценто дигитализирани. Пред една недела почнавме со дигитализација на нивните оригинални фотографии. Се надеваме дека во период од два месеца ќе завршиме и со тој процес. Материјалите потоа физички ќе ги заштитиме. Се надевам дека до крајот на септември ќе го завршиме овој проект, па на еден свечен начин да кажеме дека комплетното наследство на браќата Манаки е дигитализирано“, рече Гоце Стојановски, раководител на Одделението на Државниот архив во Битола.

    По дигитализацијата, ова огромно македонско културно богатство и наследство ќе биде поставено на платформата на Британската библиотека во програмата за загрозени архиви (Endangered Archive Program),  со што ќе стане лесно достапно за истражувачите од цел свет и ќе му донесе уште поголема популаризација.

    Процесот на дигитализација е неопходен зашто создава услови за минимална или никаква манипулација со оригиналите, со што ќе се заштитат на долг рок.

    „Целокупното творештво на браќата Манаки, фотографски и документарен материјал, се наоѓа во Државниот архив, одделение Битола, уште од 1965, една година по смртта на Милтон Манаки, кога неговото семејство се одлучило да го депонира. Тоа било и желба на Милтон, сето она што го работел да остане за Битола. Денес можеме да се пофалиме дека го имаме најбогатиот и најколоритен фотографски фонд на Балканот, а можеби и во источна Европа, со материјал создаден од еден или, ете, од двајца автори“, додава Стојановски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира