Публиката на полната сала во Филхармонијата синоќа рипна од столчињата веднаш по шпицата на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски, за со долг стоечки аплауз и овации да ѝ честита на целата филмска екипа.
Новиот филм на Манчевски, најнаградуван македонски филмски автор, пред две недели ја освои италијанската публика, а синоќа и домашната, со горчливата порака дека „Мајка не раѓа, мајка сака“.
Емотивниот филм за борбата за пород можеби некого и расплака, но коментарите беа дека филмот е „болен до коска“, дека ги допре и насмеа. Овациите ги добија секако авторот Манчевски, а особено трите актерки Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски, кои играат три млади мајки.
„Врба“ од вчера игра на редовниот репертоар во скопските кина Милениум и Синеплекс, како и во Битола, Охрид и во Штип, а од 4 ноември ќе игра во Прилеп.
„’Врба’ не е женски филм, туку е филм за луѓе. Некои луѓе се жени, некои се мажи. Маките, радостите, копнежите, болките се исти. Ситуацииите може да бидат различни“, вели Манчевски. Премиерата беше посветена на Марко Ќортошев, кој е врсник на „Врба“ и се роди на неколку дена пред светската премиера, а ова е филм за добивање деца.
Главните улоги покрај Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски ги играат и младите актери Никола Ристески и Ненад Нацев. Во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.
Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, костимите се на Жаклина Крстевска и Унгарката Ѓерѓи Сакач, асистент на режија е Никола Ивановиќ од Србија.
Извршен продуцент е Ник Пауел од Велика Британија, легендарниот коосновач на „Вирџин рекордс“ заедно со Ричард Брансон. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.
Светската премиера на „Врба“ беше на 19 октомври на Римскиот филмски фестивал, а светската критика го спореди Манчевски со Бергман.
Б. НЕСТОРОСКА
Министерката за правда Рената Дескоска со сопругот, професорот Тони Дескоски (Фото: К. Попов)