„Скопје, одново“ е насловена изложбата која се отвора вечерва (20 часот) во Музејот на современа уметност (МСУ), која ќе претстави повеќе од 100 дела и архива поврзана со процесот на креирање на американската колекција на МСУ по земјотресот од 1963 и кореспонденцијата со авторите на делата. За првпат, МСУ – Скопје ќе изложи дел од личната кореспонденција на авторите како Александер Калдер, Џаспер Џонс, Шила Хикс, Алекс Кац, Јон Григореску, Сол ЛеВит, Вифредо Лам, Мина Ситрон, Џеф Расел, Бриџит Рајли. Кураторки на изложбата се Кумјана Новакова, кустос-соработник во МСУ и Ана Кац, која работи во одделот за архитектура во Музејот за модерна уметност во Њујорк – МоМА.
Изложбата е резултат на соработката помеѓу МСУ – Скопје и Амбасадата на САД во Скопје.
Идејата за изложбата доаѓа од пред точно една година, кога Новакова заминала на студиска програма за професионалци кои работат во областа на културата во САД, организирана од Американскиот стејт департмент, во соработка со Амбасадата на САД во Скопје. Ја посетиле и МоМА, каде меѓу другото, имале и тура низ изложбата „Кон бетонската утопија: Архитектурата во Југославија 1948-1980“ со Ана Кац.
„Од начинот на кој зборуваше за регионот, за артефактите, сфатив дека делиме страст кон архиви и архивски материјал, и посебно во нивниот потенцијал да преиспитуваат доминантни читања на историјата, општествени дискурси и секако канони во историјата на уметноста. Така, во јануари, 2019 ѝ пишавме со конкретен предлог за соработка, а веќе во август дојде во Скопје и имавме прв преглед на материјалот. Иницијативата и подршката на Амбасадата на САД во Скопје беше секако пресудна– бидејќи вистината е дека нам контакти, идеи и можности за соработка не ни недостасуваат. Она што ни недостасува е отвореност во поддршката и разбирање за специфичните буџетски потреби. Изложбите, дискурзивните и едукативните, и посебно јавните програми се жива материја која мора да има можност да реагира на потребите на јавноста – а тоа со моменталниот административен систем во областа на културата и уметност не е возможно. Грантот на Амбасадата на САД, и посебно соработката со Борка Танеска дозволија природен развој и раст на проектот, кој ги надмина сите наши очекувања“, вели Новакова за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Многу од делата кои ќе бидат изложени се или ретко излагани, или воопшто не се излагани. Се работи за автори и авторки кои се повеќе од значајни за глобалното читање на уметничките пракси. Така на пример, вели Новакова, една од авторките која е застапена со три дела во колекцијата на МСУ е Сараи Шерман.
„Во последните неколку години нејзините дела се реевалуаираат, а значајна е како уметничка која допринесува за обликувањето на меѓународната позиција на жените во апстрактниот експресионизам. Сараи ја има една од првите меѓународни изложби кои МСУ ги организира, веќе во 1965 и секако е прва жена авторка која доаѓа со самостојна изложба во Скопје. После изложбата, за колекцијата на МСУ го подарува делото ’Чуварот на мојот брат‘ кое е едно од ретките нејзини дела кои се општествено мотивирани – рефлектирајќи на односите на САД со Куба, Русија, и Неврзаните. За Скопје, како еден од центрите на социјалистичката верба во модерната и на сега веќе утописката идеја на Неврзаните, ова дело е непроценливо“, кажа кураторката.
Таа продолжува дека „Скопје, одново“ е превод од „Skopje Resurgent“, студијата на ООН од 1966 која е всушност детален извештај за најголемиот дотогаш (а можеби и до денес) специјален фонд за обнова на градот после земјотресот. Се одлучиле за овој наслов бидејќи проектот на ООН всушност ги операционализира идеалите и солидарните акции во конкретен план и стратегија.
„На сличен начин се основа и МСУ Скопје: иницијативниот одбор за основање има блиски контакти со меѓународната сцена, и Асоцијацијата за ликовни уметници на својот 4. конгрес во Њујорк во октомври 1963 усвојува резолуција во која ги повикува своите членови да покажат солидарност со своите колеги и колешки во Скопје преку донирање на свои дела. Но, само преку прецизната методологија која Борис Петковски и кураторите и кураторките на МСУ, особено на Соња Абаџиева, акцијата за солидарност и подароците ќе формираат и колекција. Петковски и Абаџиева развиваат прецизна методологија која стои во основите на колекцијата која станува социјален проект, а нивните изложбени програми се резултат на размена и соработка со светски автори и авторки. Веќе во првите 10-тина години, Музејот претставува автори како Џаспер Џонс, Алан Д’Арканѓело, Шила Хикс. Откривајќи ги деталите за ова во архивата на МСУ, одлучивме дека е невозможно да се зборува за колекцијата и МСУ како социјален проект без да се претстави токму архивата“, вели Новакова.
Новакова додава дека со Кац разговарале за претставување на „ Скопје, одново” во САД, од причини што каноните на историјата на уметност се ревидираат во Њујорк, а тие се сигурни дека нудат материјал кој зборува за еден различен свет од хиерархиското читање на историјата на„централен Запад, и постколонијални периферии”.
„Авторите и авторките токму од САД, но и од Британија, Норвешка, Бразил, Франција, Италија, донираат дела за колегите во Југославија. Скопје ги поставува основите на еден нов социјален проект кој го позиционира на светската мапа. Сигурни сме дека ова е случај кој е интересен како за историчарите на уметноста, така и за авторите кои се заинтересирани да ги преиспитуваат линеарните наративи на историјата. Токму заради тоа, сите идни планови за соработка насочени се кон отворање на архивата и материјалот назад кон сите земји и простори кои биле дел од оваа приказна“, вели Новакова.
Б. НЕСТОРОСКА