СЛАВЕ ДИМИТРОВ Е НАВЛЕЧЕН НА ЉУБОВ, ЗАТОА ПИШУВА ТОЛКУ ХИТОВИ, РЕЧЕ ГИШ НА ПРОМОЦИЈАТА НА БИОГРАФИЈАТА „ЧИЈА СИ“

    СЛАВЕ ДИМИТРОВ Е НАВЛЕЧЕН НА ЉУБОВ, ЗАТОА ПИШУВА ТОЛКУ ХИТОВИ, РЕЧЕ ГИШ НА ПРОМОЦИЈАТА НА БИОГРАФИЈАТА „ЧИЈА СИ“Имам многу да кажам, ама во овој миг сум возбуден, рече Славе Димитров на промоцијата (Фото: к. Попов)

    „На што е Славе, па успева да создаде толку многу песни без ниту една утка?“, го прашав неговиот син Оливер Димитров. Тој ме погледна и по драмска пауза од две секунди ми одговори: „На љубов, бе Гиш, на љубов“, раскажа музичарот и радиоводител Сашо Гигов-Гиш на промоцијата на авторизираната биографија на Славе Димитров, „Чија си“, од Максим Ристески, која се одржа вчера во Скопје.

    Гиш рече дека разговорот со Оливер го водел додека го истражувал огромниот музички опус на Димитров за радиоемисија. Бил изненаден од бројните композиции што ги напишал, меѓу кои и музичките теми за „Македонски народни приказни“ и „Итар Пејо“.

    „Кога бев дете, се сеќавам дека кога ќе се пуштеше ‘Чија си’ на радио или телевизија, татко ми нè замолуваше сите: ‘Шшш! Слушај!’ Ама слушај! По стоти пат слушај. Е така сме воспитани“, се присети Гиш.

    Книгата „Чија си“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина -публикации“, го опфаќа животниот и творечкиот пат на еден од најзначајните македонски композитори, пејачи, аранжери и музички продуценти. Преку биографијата на Димитров, авторот ја раскажува и историјата на македонската забавна музика во втората половина на 20 век.

    Насловот на биографијата е инспириран од антологиската песна „Чија си“, чија музика Славе Димитров ја компонирал во 1969 година во Битола. Песната првпат била изведена на Скопскиот фестивал во 1971 година, во интерпретација на Димитров и на Крунослав Киќо Слабинац, а освоила втора награда од публиката. Со текот на годините прерасна во еден од најголемите македонски евергрини и беше прогласена за „Песна на минатиот милениум“.

    На промоцијата зборуваа музичарот Сашо Гигов-Гиш, музичкиот публицист и професор Александар Трајковски и авторот на биографијата Максим Ристески (Фото: К. Попов)

    Во книгата се опфатени неговите музички почетоци, соработките со бројни пејачи, фестивалските настапи, музиката за филмски и телевизиски продукции, како и помалку познати приказни од неговиот живот.

    Гиш рече дека Ристески успеал да создаде книга која се чита лесно и го поттикнува читателот повторно да се наврати на музиката на Димитров.

    „Ова е детално направено, толку питко, за два часа го читаш и сакаш пак да го прочиташ. И те тера да сурфаш на интернет и да ги преслушаш песните што се таму ставени“, кажа музичарот.

    Тој се осврна и на значењето на Димитров за развојот на македонската музичка сцена, особено на неговата улога во продолжувањето на делото на Драган Ѓаконовски-Шпато.

    „Славе Димитров како подвижник имаше мисија да ја продолжи мисијата на Шпато и навистина тој го направи тоа преубаво и достојно за почит“, рече Гиш.

    Зборувајќи за неговата посветеност, додаде:

    „Со гигантски труд и со таква инспирација и посветеност, Славе Димитров си ги газеше стапките и си го темелеше патот. Пред таков подвиг и пред таква посветеност, човек најчесен ќе биде ако замолчи. А јас морам да зборувам сега. Замислете како ми е мене.“

    Промоторот, музичкиот публицист и професор Александар Трајковски рече дека биографијата е значаен придонес за зачувувањето на македонската музичка историја.

    „Во македонското книгоиздателство недостасуваат книги коишто ја третираат проблематиката на македонската забавна музика. Ова што денес го имаме пред нас не претставува само влог во таа област, туку и во градењето на македонскиот културен идентитет“, рече Трајковски.

    Тој потсети и на музиката што Димитров ја создал за филмот „Делфина“ на Александар Ѓурчинов, инспириран од животот на пливачката Атина Бојаџи, издвојувајќи ги песните „Делфина“ и „Каде песно моја“.

    Авторот Максим Ристески, кој го познава Димитров повеќе од 35 години, рече дека најголемиот предизвик бил да избере што да влезе во книгата, со оглед на огромниот опус од над илјада песни и композиции.

    „Книгата не е голема по обем, меѓутоа мене замислата од почеток ми беше да му овозможам на читателот да ја насети музичката генијалност на Славе Димитров, во духот на онаа позната мисла на Фројд дека границите на генијот може само да се насетат, никогаш да се одгатнат“, рече Ристески.

    Тој рече и дека и самиот открил многу непознати композиции додека истражувал за биографијата.

    „Го познавам Славе Димитров над 35 години прилично добро и мислев дека го познавам и неговото творештво. Меѓутоа, додека истражував за книгата, видов колку малку всушност сум открил од музичкото богатство што го произвел“, рече авторот.

    Ристески и синот на Славе, музичкиот продуцент Дарко Димитров, заедно со Дарко Стефановски-Мече, се основачи на популарната група од 1990-тите „Нулта позитив“. На промоцијата Дарко Димитров потсети дека хитот „Отвори го пенџерчето“, кој групата го пееше со Мирко Митревски, бил во продукција на неговиот татко.

    На крајот од промоцијата се обрати и Славе Димитров, и рече дека од возбуда не може многу да зборува.

    „Сакам да се заблагодарам што дојдовте во толку голем број, на сите мои почитувачи на мојата музика и моето творештво. Имам многу да кажам, ама во овој миг сум возбуден. Сакам да се заблагодарам на моето семејство, на авторот на книгата, уште од ‘Нулта позитив’ соработувавме, со ‘Отвори го пенџерчето’ имаме долга историја. Сакам да се заблагодарам на сите мои соработници“, рече Димитров на што Дарко Димитров додаде:

    „Таа песна е во продукција на Славе Димитров“.

    М. ЏАРОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира