СЛИКАТА „ТЕШКОТО“ ОД МАРТИНОСКИ РЕСТАВРИРАНА ОД 14 СТУДЕНТИ НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА ЛИКОВНИ УМЕТНОСТИ

    СЛИКАТА „ТЕШКОТО“ ОД МАРТИНОСКИ РЕСТАВРИРАНА ОД 14 СТУДЕНТИ НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА ЛИКОВНИ УМЕТНОСТИФинална состојба на делото по изведениот конзерваторско-реставраторски третман - без украсен рам, пред (горе) и потоа (доле). (Фото: ФЛУ)

    Монументалната слика „Тешкото“ од Никола Мартиноски (1952–1953) е конзервирана и реставрирана на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје. Делото е масло на платно, со димензии 350,8 × 99,6 сантиметри (со рамка 365,5 × 115 сантиметри), а во сопственост на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.

    Сликата била конзервирана во октомври годинава, во Лабораторијата за уметничка технологија, конзервација и реставрација на уметнички дела – CARE Lab при Факултетот за ликовни уметности. Ментори и раководители на конзерваторско-реставраторскиот третман се м-р Марија Сотировска-Богдановска, доцент, и м-р Маријета Сидовски, насловен доцент и виш конзерватор-реставратор.

    Сотировска-Богдановска ни рече дека во процесот биле  вклучени 14 студенти на Факултетот,  кои го имаат избрано наставниот предмет Заштита и реставрација. Учесници во локалната превентивна заштита беа Даниела Дамјаноска, Ивана Денчевска, Михаела Димитровска, Џина Димковска, Јована Кирјаковска, Ана Маленкова, Анастасија Недељковска, Бојана Николова, Ана Ристеска и Наталија Стојанческа. Во конзерваторско-реставраторскиот процес учествуваа Трајче Томов, Андреј Митевски (втор циклус), Марија Костадиновска и Бојана Цилевска.

    Процесот траел околу пет недели, од 5 октомври до 7 ноември.

    „Овој проект покажува дека УКИМ се грижи за своето културно наследство што го има, и дека таа грижа се учи и се пренесува на студентите“, ни рече Сотировска-Богдановска.

    Чистење на површината на сликата. (Фото: ФЛУ)

    Третманот бил изведен во рамките на проектот „Конзервација на сликата ‘Тешкото’ – зачувување на културното наследство“, финансиран од средствата за информативни, културни, спортски, студентски сервиси и други активности на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје за 2026.

    „Работата се засноваше врз принципите на зелената и одржлива конзервација, со водени системи за чистење, минимална интервенција и почитување на материјалниот интегритет на делото. Реализацијата на проектот претставува придонес кон интегрирањето на современите конзерваторски методологии во високото образование и кон поврзувањето на научните сознанија со практичната заштита на културното наследство“, велат од Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира