Поради ѓубрето што ќе се направело од праските, сливите и дињите истурени на сцена, фестивалот го откажал вечерашниот перформанс на Мартин Кочовски за затворањето на “Браќа Манаки”, образложи директорот на фестивалот Благој Куновски – Доре.
„Со концептот кој беше планиран за перформансот во траење од 5 минути во рамките на програмата за затворање на фестивалот, авторите планираа на сцена да остават отпад од неколку килограми праски,сливи, дињи како и неколки килограми мед и половина метар кубен огревно дрво. За да се расчисти сцената ќе беше потребно време, со што би била пролонгирана церемонијата за доделување на наградите. Со цел да се избегне одложувањето за 20 минути потребни за расчистување на сцената и поставување на системот за озвучување, бевме принудени од објективни причини да го откажеме перформансот. Ова на ниту еден начин не беше со цел да се ограничи слободата на креативниот израз на авторот и неговата екипа, што може да се види и од изведбата на перформансот на церемонијата на отворањето на фестивалот, зад која застана целиот фестивалски тим “, рече Куновски и додаде дека откажувањето на изведбата не е толку значајна, „но сѐ нешто ги скокотка медиумите да се прави нешто што не е во преден план“.
Тој рече дека покрај огромниот број на филмски гости и квалитетна програма да не се става акцент на нешто што е маргинално на фестивалот.
„На отворањето застанавме зад неговиот перформанс. Голиот актер беше похрабрата варијанта, а на авторот сега му побарав на сцена да извади гола убава девојка за си ја заокружи целината“, рече Куновски.
Перформансот “Будење на пролетта” беше откажан вчера, ден пред затворањето на фестивалот. Авторите Мартин Кочовски и Горјан Милошевски обвинија за цензура, лицемерие и политички притисоци.