СНИМАЈТЕ НОВИ ДЕЛА ИЛИ СЕДЕТЕ ДОМА, ДОСТА Е ОД РИМЕЈКОВИ, ВЕЛИ ХОЛИВУДСКАТА ЛЕГЕНДА КЛИНТ ИСТВУД КОЈ НАПОЛНИ 95 ГОДИНИ

    СНИМАЈТЕ НОВИ ДЕЛА ИЛИ СЕДЕТЕ ДОМА, ДОСТА Е ОД РИМЕЈКОВИ, ВЕЛИ ХОЛИВУДСКАТА ЛЕГЕНДА КЛИНТ ИСТВУД КОЈ НАПОЛНИ 95 ГОДИНИЌе работам сè додека уште можам да научам нешто, или додека не станам навистина сенилен, вели Иствуд. (Фото: Икс)

    Мојата филозофија е: создај нешто ново или остани дома, вели холивудската легенда Клинт Иствуд, кој вчера наполни 95 години. Актерот и режисер, кој има добиено 4 Оскари, во интервју за австрискиот весник „Куриер“ апелираше до колегите филмски уметници да смислуваат нови идеи, бидејќи, како што рече, филмската индустрија сега е полна со римејкови и франшизи.

    Оскаровецот рече дека планира да продолжи да работи, дека сè уште е во добра физичка форма и се надева оти никој нема да мора да се грижи за него во тој поглед „уште долго време“.

    Неговиот последен филм „Поротник број 2“ излезе лани во октомври, а според „Куриер“, Иствуд моментално е во фаза на претпродукција за друг филм.

    На прашање за актуелната состојба во филмската индустрија, ѕвездата на филмови како „Добриот, лошиот и грдиот“ и „Валканиот Хари“, и режисер на десетици филмови, рече: „Копнеам по добрите стари времиња кога сценаристите пишуваа филмови како ‘Казабланка’ во мали бунгалови на студиото. Кога секој имаше нова идеја. Живееме во ера на римејкови и франшизи. Снимав продолженија три пати, но тоа не ме интересираше долго време. Мојата филозофија е: создај нешто ново или остани дома“, рече тој.

    На прашањето од каде ја црпи енергијата, Иствуд кажа: „Нема причина зошто човек да не може да стане подобар со возраста. А јас денес имам многу повеќе искуство. Секако, има режисери кои го губат чувството на одредена возраст, но јас не сум еден од нив“.

    Иствуд изјави дека тајната на неговиот успех е тоа што секогаш се обидувал нешто ново како режисер и актер.

    „Како актер, сè уште бев под договор со студио, бев во стариот систем и затоа бев принуден да учам нешто ново секоја година. И затоа ќе работам сè додека уште можам да научам нешто, или додека не станам навистина сенилен“, рече тој.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира