СО КОМЕРЦИЈАЛНА АКЦИЈА ВАНДАЛИЗИРАН СПОМЕНИКОТ НА АНТИФАШИЗМОТ СО МУРАЛ ОД ЧЕМЕРСКИ ВО МАВРОВО

    СО КОМЕРЦИЈАЛНА АКЦИЈА ВАНДАЛИЗИРАН СПОМЕНИКОТ НА АНТИФАШИЗМОТ СО МУРАЛ ОД ЧЕМЕРСКИ ВО МАВРОВОСпоменикот во Маврово посветен на антифашистичката борба со мурал од академик Глигор Чемерски и дело на архитект Радован Раѓеновиќ. / Муралот насликан на постаментот на споменикот со акцијата „Вдиши го Маврово“ на Ресорт Маврово. (Фото: М. Пановски/Ресорт Маврово)

    Со мурал „Вдиши го Маврово“ е ишаран постаменот на споменикот во Маврово од 1970-те посветен на антифашистичката борба со мурал од академик Глигор Чемерски и дело на архитект Радован Раѓеновиќ.

    Ќерката на сликарот Чемерски, уметницата Елена Чемерска на фејсбук профилот на Ресорт Маврово, што ја организира акцијата, реагира дека кај старото бачило освен трлото за овци има и споменик посветен на антифашистичката борба од доцните 1970-те, дело на Чемерски и Раѓеновиќ, автори кои што заедно имаат реализирано неколку капитални дела споменици ширум земјава.

    Станува збор за приватна акција на Ресорт Маврово, за која ќе добијат пријава за уништување-вандализирање на споменик од културно наследство. (Фото: Фејсбук страна на Ресорт Маврово)

    „Споменик на чиј што постамент, колку што сум информирана, без никаква јавна дискусија ниту пак консултација со архитектот (жив автор и меѓудругото добитник на награда за животно дело во архитектура ‘Андреја Дамјанов’) – се наоѓа овој нов графит-мурал. Интересно е исто така што фотографииве не го прикажуваат споменикот во целост и го вадат постаментот од контекст, а станува збор за ептен артикулирана архитектонско-уметничка целина и авторско дело на кое не може да се интервенира по своја волја без соодветна контролирана процедура, меѓудругото и ради возможни легални импликации“, пишува Чемерска на фотографијата на Ресорт Маврово.

    Директорот на Управата за заштита на културното наследство Ацо Костов, вечерва ни изјави дека станува збор за приватна акција на Ресорт Маврово и дека утре ќе биде испратена пријава за уништување-вандализирање на споменик од културно наследство.

    „Ќе излезат инспектори на увид, а освен што ќе добијат прекршочна пријава, ќе мора да го вратат споменикот во првобитната состојба. Има хемиски апарати, и симптоматично е како ќе изгледа тоа, но за тоа ќе кажат повеќе колегите од Конзерваторскиот центар“, ни изјави директорот Костов.

     

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК до Ресорт Маворово ги испрати следниве прашања: „Зошто дозвoливте да се вандализира и уништува споменикот посветен на антифашистичката борба во Маврово со мурал на уметникот Глигор Чемерски и дело на архитект Радован Раѓеновиќ? Дали ќе сносите одговорност за уништувањето на споменикот?“, за кои не добивме одговор до објавувањето на текстот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира