СО МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА НА „УБИЈ ГИ ПРВО ДЕЦАТА“ НА ОРОВЧАНЕЦ ВЕЧЕРВА СЕ ЗАТВОРА „БРАЌА МАНАКИ“

    СО МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА НА „УБИЈ ГИ ПРВО ДЕЦАТА“ НА ОРОВЧАНЕЦ ВЕЧЕРВА СЕ ЗАТВОРА „БРАЌА МАНАКИ“Миа Жиро ја игра една од главните улоги во „Убиј ги прво децата“. (Фото: „Трис филмс“)

    Со македонската премиера на „ Убиј ги прво децата“,  дебитантскиот филм на режисерот Димитар Оровчанец, вечерва се затвора 45. издание на Интернационалниот фестивал на камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола. Светската премиера беше во август на Саревскиот филмски фестивал, а скопската кинопремиера се најавува во октомври.

    Продуцентите велат дека „Убиј ги прво децата“ е комична приказна за тинејџерка балерина, нејзиниот лудо вљубен дечко и неговиот налудничав најдобар другар со украден полициски пиштол кои се губат во најдлабоките лавиринти на скопското криминално подземје заради мобилен телефон што содржи компромитирачко видео. Главните улоги ги играат Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски и Стефан Спасов. Играат и Aдриан Азири, Александар Ѓоргиески, Стефан Вујисиќ, Марко Трајковиќ, Атанас Тановски, Марина Поп Панкова.

    „Ова е приказна која ги содржи сите мали животни вистини и ситуации кои потсвесно ги собирам од моите искуства со години, внимателно прикажувајќи вистински луѓе кои сум ги запознал или ги познавам добро. Тоа е филм каде навидум обичните поединци се фрлени во позиција каде што треба да се соочат со екстремни ситуации и како тоа открива неочекувани карактерни црти кај нив; модерна приказна но како од бајките, со шарени ликови и дијалози сместени на урбана позадина. Приказната ја истражува суровоста на човекот како сеприсутна, но колку и да се негативни многу од ликовите, тие сепак изобилуваат со црн хумор – некоја форма на хуманост, која е главната потпора на сè за што се работи во конечниот филм: бесмисленоста на злото, глупоста во агресијата, потребата од секогаш само малку повеќе љубов, убавината и лудилото на младоста“, вели Оровчанец.

    Оровчанец има искуство како сценарист и режисер на краткометражни и долгометражни филмови. Има работено на голем број ТВ-реклами, кампањи, музички спотови, документарни филмови, телевизиски документарни филмови и ТВ-емисии. Освен со режија и сценарио, тој има и долгогодишно искуство како директор на фотографија, на еден игран филм, на повеќето од своите кратки филмови како и на на својот долгометражен документарен филм „Олга”.

    Камерата е на Владимир Самоиловски, дизајнер на продукција е Сашо Блажевски, костимите се на Ина Чолак, сценографија на Калина Игновска, монтажата на Софија Самоиловска, а музиката на Игор Василев-Новоградска.

    „Убиј ги прво децата“ во продукција на „Трис филмс“ и „ДМФ филмс“, со продуцентите Атанас Георгиев и Дејан Илиев, беше поддржан со 20 милиони денари (325 илјади евра) на Конкурсот во прв рок за 2020 на Агенцијата за филм, а се снимаше во 2022 во Скопје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира