СО МИКРОКОЛОВИ СЕ СТАБИЛИЗИРААТ СТОЛБОВИТЕ НА СКОПСКИОТ АКВАДУКТ

    СО МИКРОКОЛОВИ СЕ СТАБИЛИЗИРААТ СТОЛБОВИТЕ НА СКОПСКИОТ АКВАДУКТСкопскиот аквадукт е културно наследство од 6. век, кој на 20 април 2021 беше прогласен за споменик од особено значење и со тоа добива највисок степен на заштита. (Фото: Конзерваторски центар Скопје)

    Завршува првата фаза од стабилизацијата на столбовите на Скопскиот аквадукт и набргу почнува втората фаза од овој процес, ни рече Коле Чапкановски, директор на Конзерваторскиот центар – Скопје. Скопскиот аквадукт е културно наследство од 6. век, кој на 20 април 2021 беше прогласен за споменик од особено значење и со тоа добива највисок степен на заштита.

    „Со несмален интензитет се работи на стабилизација на столбовите со вградување на микроколови, процес кој ќе оневозможи понатамошна инклинација т. е. наклонување. Микроколовите за првпат се користат кај нас, и можеме да кажеме дека сме пионери во таа работа. Изработката на времена конструкција за потпирање на критичните столбови како и поставувањето на челични затеги во отворите настанати од гниење на дрвените греди, стил на градење од отоманскиот период кој за жал придонесе за деградација на столбовите со обрушување на каменот, малтерот и останатиот вграден материјал, заѕидување на истиот беше неминовен процес за вградување на самобушечки цевки и инјектирање на микроколовите дупнатини со цементна инјекциона маса. Напоредно се изведуваат работите со две машини заради интезивирање на реализацијата на проектот во првата фаза кој е во завршна фаза“, ни рече Чапкановски.

    Втората фаза ќе значи исто, продолжување со работа на стабилизацијата на столбовите. Првата фаза од конзервавацијата и реставрацијата на Аквадуктот почна во септември 2021, со дренажен процес.

    Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска лани во октомври кажа дека со 5 милиони денари се завршува стабилизацијата на 6 инклинирани столбови со микроколови кои се изведуваат со континуиран надзор од стручниот тим, а следна фаза е стабилизација на уште 4 од накосените столбови со истата методологија.

    „Заштитно-конзерваторските активности на Аквадуктот во Скопје се вклучени и во стратешките приоритети на Програмата за работа на Владата со цел да се зачуваат несекојдневните карактеристики на ова заштитено културно добро, негов адекватен третман, промоција и презентација во согласност со Законот за заштита на културното наследство“, кажа Костадиновска-Стојчевска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира