Венецискиот победник „Татко мајка сестра брат“ на Џим Џармуш го отвора вечерва 66. издание на Солунскиот филмски фестивал, еден од најголемите регионални филмски настани. Филмот ќе го претстави главната ѕвезда Индија Мур, а во Солун се и кинематограферот Фредерик Елмс и костимографката Кетрин Џорџ кои ќе одржат мастеркласови.
Ѕвезда на фестивалот годинава е прочуената француска актерка Изабел Ипер, во чија чест ќе има ретроспектива од 15 нејзини филмови, а таа ќе одржи и мастерклас насловен „Од екран до сцена“ за разликите и сличностите во актерските техники меѓу филмот и театарот.
Тема на фестивалот годинава е „Пресврт во заплетот: Вон шестото сетило“, за која организаторот вели дека го „истражува овој моќен наративен инструмент од субверзивна перспектива“. По избор на Миријам Бен Салах, кураторка на францускиот павилјон на следното Венециско биенале во мај 2026, ќе се прикажат 14 ретки и помалку познати филмови снимени помеѓу 1976 и 2025, а темата ја следи и историмена изложба.

Изабел Ипер ќе одржи и мастерклас насловен „Од екран до сцена“ за разликите и сличностите во актерските техники меѓу филмот и театарот. (Фото: ТИФФ)
Годинава од Македонија ќе игра еден филм, „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, чија проекција е утревечер во ревијалната програма Отворени хоризонти.
По 12 филмови ќе играат во трите натпреварувачки селекции – во Меѓународната селекција со дебија, втори и трети филмови на авторите, наградите Златен и Сребрен Александар носат по 10.000 односно 5.000 евра, исто како и во Запознај ги соседите , со филмови од земји на Југоисточна Европа, Медитеранот и Блискиот Исток, а во Филмски напред, за поексприментални филмови, наградите се 8.000 односно 4.000 евра. Во секоја од овие три натпреварувачки селекции има по 3 грчки филма.
Селекцијата Проширен преглед, која пред две години ја замени популарната Балкански преглед и во која играат филмови од пошироиот регион, годинава е со тема „Кршливости“ за која фестивалот вели дека е „политички омаж кој ги истражува границите што ја дефинираат кревката природа на човештвото“.

Оскаровскиот композитор Тан Дун ќе одржи и концерт со негови дела заедно со Симфонискиот оркестар на Солун. (Фото: ТИФФ)
„’Кршливости’ содржи 11 филмови кои ги предизвикуваат структурите на моќ и навлегуваат во актуелни современи прашања како што се војната, раселувањето од земјата на предците, животот под окупација, цензурата и интервенциите на авторитарните режими“, вели фестивалот за оваа селекција.
Оскаровскиот композитор Тан Дун, кој во 2000 година ја доби наградата за музиката во „Клекнат тигар, скриен змеј“ на Анг Ли, во Солун ќе ја претстави специјалната проекција на филмот, а ќе одржи и концерт со негови дела заедно со Симфонискиот оркестар на Солун.
Дел од фестивалот е и посебна програма со нови грчки филмови, во која годинава има 32 долгометражни и 30 кусометражни дела, кои се квалификуваат за серија независни награди.
Солунскиот фестивал затвора на 9 ноември со „ХЕН“ на еден од најоригиналните унгарски автори, Ѓерѓи Палфи, кој е копродукција со Грција и имаше светска премиера на годинешниот фестивал во Торонто.
М. КОСТОВА



