Филмскиот фестивал во Солун, најголемиот во регионот, се враќа в кино од вечерва кога 62. издание се отвора со венецискиот победник „Настан“ на Одри Диван, а ќе се затвори на 14 ноември со „Париз, 13 кварт“ на Жак Одијар. По пандемиската кинопауза, Фестивалот в кино ќе прикаже 200 филмови, а онлајн ќе одат 144.
„Во ерата на дезориентација и конфузија, каде сè изгледа како да се сменило, имаме обврска одново го да откриваме очигледното. Најпрво и најдобро – љубовта“, вели уметничкио фдиректор на фестивалот Орестис Андреакис.
За првпат, Солун ќе има 3 натпреварувачки селекции, а зголемен е и бројот на наградите. Во главната конкуренција за Златен Александар и 10.000 евра се тркаат 14 филмови, дебија или втори дела на авторите.
Трета година по ред, во селекцијата Запознај ги соседите за наградата од 8.000 евра ќе има 12 филмови од Југоисточна Европа, Источен Медитеран и Блиски Исток, а тука ќе игра и косовскиот „Вера сонува за морето“ на дебитантката Калтрина Красниќи во кој копродуцент е и Македонија.
Популарната селекција Со филмот напред е унапредена во конкуренција за награда од 8.000 евра со 11 дела, а организаторите велат дека е за филмови кои „мислат вон границите“.
Во можеби најпопуларната програма Балканско истражување ќе игра и дебито на Дина Дума „Сестри“, македонскиот кандидат за Оскар, што во Солун ќе ја има и грчката премиера.
Фестивалот ќе има и голема програма во чест на монтажата насловена „Измонтирано: Монтажата и нејзините тајни“, каде 9 врвни монтажери од Грција и светот ќе одржат мастеркласови за своето искуство, а имаат и посебна програма со филмови кои врз нив имале најголемо влијание. Годинава ќе има натпреварувачка програма за подкасти, со 16 грчки и англиски во конкуренцијата за награди и 10 вон конкуренција.
Годинава, Солун ќе има и посебен портрет на опусот на бугарската режисерка Бинка Жељазкова, првата жена што режирала филм во Бугарија, но која е генерално непозната вон границите на земјата.
М. КОСТОВА