СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВЕЧЕРВА ОТВОРА СО „ФАБЕЛМАНОВИ“ НА СПИЛБЕРГ, ТЕОНА МИТЕВСКА ВО ЕДНО ОД ЖИРИЈАТА

    СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВЕЧЕРВА ОТВОРА СО „ФАБЕЛМАНОВИ“ НА СПИЛБЕРГ, ТЕОНА МИТЕВСКА ВО ЕДНО ОД ЖИРИЈАТА„Фабелманови“ е автобиографски филм на Стивен Спилберг. (Фото: ТИФФ)

    „Фабелманови“, автобиографскиот филм на Стивен Спилберг, го отвора вечерва 63. издание на филмскиот фестивал во Солун, најголемиот во регионот. Македонската режисерка Теона Стругар Митевска е во жирито на една од селекциите, Забрзај, а нејзиниот последен филм „Најсреќниот човек на светот“ ќе игра во програмата Балкански преглед.

    Во богатата фестивалска програма со 199 долгометражни и 68 кратки филмови, во главната конкуренција за Златен Александар и 10.000 евра се 10 дебија или втори дела на авторите. По десет филма се и во двете паралелни конкуренции за награда, Забрзај и Запознај ги соседите.

    Митевска е во жирито на селекциjata Забрзај, а нејзиниот филм „Најсреќниот човек на светот“ ќе игра во програмата Балкански преглед. (Фото: Мостра)

    Специјални гости годинава се француската актерка Шарлот Гејнзбург,чиј најнов филм „Патници во ноќта“ на Микаел Херс ќе игра во програмата Отворени хоризонти, и германскиот режисер Фатих Акин кој во Солун доаѓа со „Рајнско злато“.

    Темата на годинашниот фестивал е реконструкција – како одбележување на 10-годинината од смртта на најголемиот грчки режисер Тео Ангелопулос ќе се прикаже неговото деби „Реконструкција“, а ќе има и две изложби и документарец за неговото творештво.

    „Собирачи на пердуви“ е дел од ретроспективата од 7 филмови на југословенската легенда Александар Петровиќ. (Фото: ТИФФ)

    Во специјалните ретроспективи годинава е и онаа на легендарниот југословенски автори Александар Петровиќ, кој имаше две номинации за Оскар, за „Три“ во 1966 и за „Собирачи на пердуви“ во 1967. Ретроспектива ќе има и на театарската легенда Питер Брук, кој почина годинава, како и на експерименталните автори Петер Черкаски и Еве Хелер и на британскиот автор Питер Стрикланд.

    Славните Деби Меквилијамс и Лоран Грегоар ќе држат мастреклас за актерството. (Фото: ТИФФ)

    Фестивалот годинава посветува голем омаж на уметноста на актерската професија со серија мастеркласови кои ќе ги водат славни кастинг директори, меѓу кои и Британката Деби Меквилијамс, која работела на 14 филмови за Џејмс Бонд, и францускиот агент Лоран Грегоар, кој е инспирација за хит серијата „Повикај го мојот агент“.

    Солунскиот фестивал затвора на 13 ноември со „Корсаж“ на австриската режисерка Мари Кројцер.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира