СРПСКИОТ ПОП ПЕЈАЧ ЖЕЉКО ЈОКСИМОВИЌ ЌЕ ПЕЕ НА ОХРИДСКО ЛЕТО НА 7 АВГУСТ, ПОТВРДИ ДИРЕКТОРКАТА ПОПОВИЌ

    СРПСКИОТ ПОП ПЕЈАЧ ЖЕЉКО ЈОКСИМОВИЌ ЌЕ ПЕЕ НА ОХРИДСКО ЛЕТО НА 7 АВГУСТ, ПОТВРДИ ДИРЕКТОРКАТА ПОПОВИЌКонцертот на Јоксимовиќ е насловен „Два света“, а доаѓа со симфониски оркестар од Белград, членови на Белградската филхармонија. (Фејсбук профил на Жељко Јокисмовиќ)

    Српскиот поп пејач Жељко Јоксимовиќ на 7 август ќе настапи на Фестивалот Охридско лето во Античкиот театар, потврди директорката Наташа Поповиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Јубилејното 60. издание на најголемиот фестивал во земјава требаше традицонално да почне на 12 јули, но поради пандемијата со коронавирусот, свеченото отворање е закажано на 4 август, роденденот на фестивалот и ќе трае до 30.

    Синоќа на социјалните мрежи излезе документ со програмата на Фестивалот, по што следеа многу реакции за Јоксимовиќ. Во изминативе години, на Охридско лето настапувале светски ѕвезди од рангот на Хозе Карерас, Енио Мориконе, Џеси Норман, Вадим Репин, Џулијан Рахлин, Стефан Миленковиќ, шпанската атракција „Ла фура дел баус“.

    „Во врска со синоќешните коментари, програмата на Охридско лето ја подготвуваме цела година и истата е работена по високи стандарди кои оваа наша реномирана манифестација ги негува со децении. Обидот некој да ја компромитира нашата работа и да го наруши угледот сметам дека нема да успее, бидејќи дури и во овие вонредни услови кога живееме во пандемија и битка со ковид-19, почитувајќи ги сите протоколи, обезбедивме програма која ги зачувува високоестетските критериуми. Фестивалот Охридско лето во својата долгогодишна традиција со исклучително богатата уметничка вредност на класичната музика и театарот во рамките на својата програма реализира и настани кои се дел од дополнителната програма, ревијални концерти, со што ја збогатува културната содржина секако запазувајќи ги посебните критериуми на квалитет на изведувачите. Токму оваа година кога славиме 60 години од постоењето на Охридско лето како дел од реализацијата на вакви концерти покрај концертите на македонските уметници, е и настапот на Жељко Јоксимовиќ, насловен како ‘Два света’ со симфониски оркестар од Белград, членови на Белградската филхармонија, кој пред сѐ има за цел за приреди вистинско уживање и за пошироката публика како што практикуваме секоја година и сметам дека ќе биде висококвалитетен. Ветувам уште едно успешно издание и покрај новонастанатата ситуациија“, ни изјави директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ, додавајќи дека повеќе детали за програмата ќе кажат на прес-конференција.

    На нашето прашање со која агенција е договаран неговиот настап, директорката вели дека тоа се детали од договорот со уметниците кои не смеат да се откриваат.

    Според програмата која беше објавена на социјалните мрежи, отворањето е со концертот на гости од странство како сопранот Марија Јелиќ, тенорот Дарио ди Виетри, Иван Томашев бас, сопранот Кристина Колар, хорот на Националната опера и балет (НОБ) и Оркестарот на Филхармонијата. Концертот во Античкиот театар ќе го диригира Хосе Луис Кура.

    Сите настани ќе се одржат во живо и на отворено, на сцените на Античкиот театар, Долни Сарај и Предворјето на црквата „Св. Софија“. Капацитетите ќе бидат исполнети само 50 отсто со гледачи, а задолжително е носење маски и со дистанца и меѓу публиката и уметниците. Билетите ќе се продаваат онлајн, но и на продажните места на Охридско лето.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира