СТАРОТО КИНО „ПАРТИЗАН“ ВО БИТОЛА ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ОБНОВУВА ВО КУЛТУРЕН ЦЕНТАР, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

    СТАРОТО КИНО „ПАРТИЗАН“ ВО БИТОЛА ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ОБНОВУВА ВО КУЛТУРЕН ЦЕНТАР, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРАРуината од изронет малтер, искршени прозорци, обрасната со вегетација се наоѓа во центарот на Битола помеѓу две средни училишта. (Фото: СДК.МК)

    Само таблите од некогашниот репертоар сведочат дека во руинираниот објект било познатото кино „Партизан“ во Битола. Руината од изронет малтер, искршени прозорци, обрасната со вегетација се наоѓа во центарот на Битола помеѓу две средни училишта, Гимназијата „Таки Даскало“ и Музичкото училиште. Објектот со славно минато, има бедна денешница.

    „Тоа беше сала изградена во склоп на поранешната Учителска школа. Во 1967  ја зеде установата која управуваше со кината и ја реконструираше со свои средства. Беше претворена во киносала со сите можности, со посебен влез, климатизација, а се одржуваа повремено и други манифестации. Тоа беше периодот кога во Битола цутеше киноприкажувачката дејност и градот имаше пет затворени кина и уште неколку на отворено во летниот период. Потоа објектот се издаде под кирија, се ликвидира фирмата и се растурија салите“, вели Стефан Хаџиантоновски, филмофил и еден од иницијаторите за созадавање на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.

    Од Министерството за култура ни рекоа  дека проектната документација за реконструкција, санација и адаптација на киното „Партизан“ е веќе завршена, истата беше дел од програмата за 2023, а сега следува прва фаза на реализација на проектот. Проектот е веќе влезен во Програмата за капитални инвестиции и се очекува годинава да се почне со негова обнова во културен центар.

    Објектот бил изграден во времето на СФРЈ и долги години работел како едно од кината во Битола. (Фото: СДК.МК)

    „Комплетната санација на објектот се однесува на подобрување на постоечката состојба на просторот, замена на дотраените материјали, ставање во функционалност и формирање на простори во кои идната публика, младите и вработените, би пронашле простор за реализирање на нивните културно-уметнички цели. Идејата е објектот да се претвори во современ, мултифункционален центар, ефикасен за работа, комфорен простор, кој би ја збогатил културната сцена во градот. Покрај што ќе се обезбеди простор каде младите ќе ги реализираат своите културно- уметнички идеи, целта е да се отворат и нови работни места со цел непречено функционирање на објектот. Идејата е преку организација на концерти, изложби, кино-проекции, дислокација на некои од постоечките претстави на Народен театар Битола да се создаде нов уметнички простор со сопствена програма, идеа и визија“, велат од Министерството за култура.

    Од таму напоменаа дека објектот бил изграден во времето на СФРЈ и долги години работел како едно од кината во Битола. Во 1990-тите години со затворањето на кината во Битола, зградата долги години била оставена на забот на времето. Со исклучок на неопходни и итни потреби за интервенција заради дефекти, дотраеност или рушење на делови од самиот објект, не било инвестирано скоро ништо. Во 2006  со одлука на Владата објектот му бил доделен на користење на Народниот театар од Битола.

    Од Народниот театар ни потврдија дека очекуваат да започне неговата реконструкција и дека целата е да се пренамени во милтифункционален културен центар.

    Ако киното се реконструира, тоа би бил шести објект наменет за културни настани во Битола, покрај Центарот за култура, Театарот, Завод и музеј, Офицерскиот дом и киното Манаки. Како капитална инвестиција најавена е и реконструкција на објектот каде се сместени Центарот за култура и Народниот театар, со тоа што во некогашната сала за свадби на најгорниот кат свои простории ќе треба да добие и Камерниот оркестар од Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира