СТЕФОСКА НАЈАВИ ЗАБРЗАНА ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА 5 МИЛИОНИ ЈАЗИЧНИ ЗАПИСИ ВО ИНСТИТУТОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

    СТЕФОСКА НАЈАВИ ЗАБРЗАНА ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА 5 МИЛИОНИ ЈАЗИЧНИ ЗАПИСИ ВО ИНСТИТУТОТ ЗА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИКОд 5-те милиони уникатни јазични записи, за 9 години се дигитализирани само 140 илјади ливчиња. (Фото: Министерство за култура)

    Ќе добиеме дигитална архива на македонскиот јазик, рече денеска министерката за култура Ирена Стефоска при презентацијата на дигитализацијата на над 5 милиони записи стари над 500 години на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Стефоска, заедно со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој  Коста Петров, го најавија забрзаното дигитализирање на картотеките на Институтот, „со цел да се оствари заштита, валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство на македонскиот јазик“.

    Повикот е наменет за претпријатија кои можат да понудат иновативно решение – сами или во соработка со установа која врши високообразовна, односно научно- истражувачка дејност или друго претпријатие. Проектот треба да содржи пет поглавја во кои се опишуваат методологијата на работа, процесите, технологијата и компетенциите што ќе бидат ставени во функција за да се остварат целите на проектот.

    „Станува збор за јазични записи собирани со децении на терен од вработените во Институтот, но и од студенти, информатори и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, кои со својата собирачка активност помогнале во зачувувањето на ова јазично духовно богатство. Ентузијазам кој овозможил, како култура, да застанеме рамо до рамо со најголемите светски култури“, кажа Стефоска.

    Од 5-те милиони уникатни јазични записи, досега, како што рече министерката, за 9 години се дигитализирани само 140 илјади ливчиња. Тоа е премалку и пребавно, потенцираше таа,  и ако продолжи со вакво темпо, веројатно ќе требаат безмалку уште 400 години за да се дигитализира само овој скапоцен материјал. Базата ќе биде достапна за пребарување за научници и сите заинтересирани лица.

    Петров рече дека е обезбеден вкупен буџет во износ од 14 милиони денари, за кој ФИТР обезбеди 9, додека Министерството за култура учествува со  5 милиони денари. Победничкиот предлог-проект ќе биде финансиран 100 отсто од вкупниот буџет, односно до 14 милиони денари. Спроведувањето на проектот може да трае до 12 месеци.

    Апликантот треба да биде микро, мало или средно претпријатие, во согласност со Законот за трговски друштва, регистрирано во Централниот регистар, годишните приходи да не надминуваат 10 милиони евра во претходните две фискални години според финансиските извештаи.

    Главните критериуми според кои ќе се врши оценување на предлог-проектите се: степен на иновативност, капацитет на проектниот тим, квалитет на проектот, потенцијал за примена, односно пазарен потенцијал и влијание на проектот.

    На јавниот повик, компаниите можат да аплицираат најдоцна до 21 октомври, до 14 часот, додека процесот на аплицирање и целата проектна документација се достапни на следниов линк.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира