Повеќе од 15 минути траеа бурниот аплауз и овациите за филмската екипа на „Диџеј Ахмет“, наградуваното деби на Георги Малински Унковски, по синоќешната проекција на затворањето на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. На сцената во полната сала излегоа режисерот Унковски, кинематограферот Наум Доксевски, актерите Ариф Јакуп, Дора Акан- Златанова, Агуш Агушев, продуцентот Иван Унковски и други членови од екипата. Ова беше и македонска фестивалска премиера на филмот, кој од 1 октомври ќе почне да игра во кината низ Македонија.
Во филмот кој веќе има освоено 7 награди на меѓународни фестивали, раскажана една тинејџерска љубовна приказна во јуручко село во Источна Македонија која, и покрај сериозните животни моменти на ликовите, е испреплетана со бројни комични примеси на кои публиката се смееше на глас.

Победник на фестивалот со наградата Златна Камера 300 е францускиот кинематографер Давид Шамбиј за „Нов бран“. (Фото: СДК.МК)
„За отворање на Фестивалот имаме филм на македонски автор, кој беше на Венецискиот фестивал, за затворање – филм на македонски автор, која доаѓа од Санденс каде беше неговата светска премиера. Имаме трет филм, кој излезе и кандидат за Оскар. Не може да биде подобро, нели?“ рече Игор Иванов, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) додавајќи дека силно ги поздравува напорите за исправање на состојбите кај филмските работници и сите најави дека добрите времиња допрва доаѓаат.
Во името на ДФРМ, тој на композиторот Кирил Џајковски му го врачи највисокото признание на Друштвото, Голема ѕвезда на македонскиот филм.
„Горд сум што сум дел од креативниот тим на филмовите на Милчо Манчевски, Александар Поповски, Иво Трајков, Дарко Митревски и други, но ме радуваат и успесите на помладата генерација на новите филмски таленти како Тамара Котевска, како Ѓорѓи Унковски кои ја продолжуваат успешната македонска филмска приказна и потврдуваат дека Македонија има филмаџии од светски карактер“, рече Џајковски.
Победник на фестивалот со наградата Златна Камера 300 е францускиот кинематографер Давид Шамбиј за „Нов бран“, поради не само убаво, туку и уверливо прикажаните слики и камерата која носи енергија и дух на слобода.
„Во работата трпението и енергијата се најважни. Треба да верувате во својата визија и во себе“, рече Шамбиј.
Сребрена Камера 300 доби кинематограферката Олимпија Митилинају од Шведска, за филмот „Тивок живот“, а Бронзената Камера 300 шпанскиот кинематографер Мауро Херце за „Сират“.

Американскиот кинематографер оскаровец Воли Фистер ја доби Специјалната награда Златна Камера 300 за исклучителен придонес во светската кинематографија. (Фото: СДК.МК)
Фестивалската атмосфера и гостопримливоста на Битола го понесоа и лауреатот, американскиот кинематографер оскаровец Воли Фистер, на кого му беше врачена Специјалната награда Златна Камера 300 за исклучителен придонес во светската кинематографија.
„Ние доаѓаме како вонземјани од Холивуд и го најдовме овој мал град Битола за кој не знаев досега. Од моментот кога излегов од автомобилот наидов на топол пречек и прошетав по главната улица на градот и неговата прекрасна архитектура и од сите бев топло пречекан. Ова е посебно место“, рече Фистер.
Министерот за култура Зоран Љутков вети континуирана поддршка и дека филмот нема да биде статист во Македонија туку водечки лик во културната приказна.
Крајот на овогодинешното седумдневно фестивалско издание го означи директорот Димитрија Доксевски со зборовите „Да живее ‘Браќа Манаки’“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА