СВЕТСКА ТВ-ПРЕМИЕРА НА НОВИОТ ФИЛМ НА МАНЧЕВСКИ „ВРБА“ В НЕДЕЛА НА МРТ

    СВЕТСКА ТВ-ПРЕМИЕРА НА НОВИОТ ФИЛМ НА МАНЧЕВСКИ „ВРБА“ В НЕДЕЛА НА МРТ„Три приказни, три мајки, три различни судбини. Едната средновековна, двете современи, а сите од срце. Мајка не е таа што раѓа, мајка е таа што сака“, е мотото на „Врба“. - Сара Климоска во сцена од „Врба“

    Новиот, шести филм на најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски, „Врба“ в недела, на 29 март, ќе има светска ТВ-премиера во 22 часот на Македонската радиотелевизија (МРТ).

    „Со прикажувањето на ‘Врба’ ќе биде заокружен циклусот #Седидома со Милчо на филмови од целокупниот опус на Манчевски што изминатиов период се емитуваа на јавниот сервис, со цел да се помогне акцијата на Владата и да им се доближи квалитетна филмска програма на гледачите, во време на вонредната состојба поради коронавирусот“, велат продукцијата.

    Во рамките на циклусот, на 28 март (сабота) во 22 часот на МТВ1 ќе биде прикажан филмот „Прашина“.
    „Три приказни, три мајки, три различни судбини. Едната средновековна, двете современи, а сите од срце. Мајка не е таа што раѓа, мајка е таа што сака“, е мотото на „Врба“.

    По светската премиера на „Врба“ во октомври 2019 на црвениот килим на Филмскиот фестивал во Рим, каде беше примен со петминутни овации, филмот ја имаше македонска премиера на 1 ноември. Во месеците што следеа шестиот игран филм на Манчевски ја надмина бројката од 30.000 гледачи, што е рекорд во Македонија. Ова е најгледан филм во државата за 2019, надминувајќи ги и холивудските блокбастери во киносалите во Скопје и низ земјава.

    Неодамна, „Врба“ ја освои наградата за најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, еден од 20-те водечки во светот. Наградата „Мануел де Оливеира“ именувана по легендарниот португалски режисер, Манчевски ја посвети на извршниот продуцент на „Врба“ Ник Пауел, британската продуцентска легенда, кој почина лани во ноември, една недела по светската премиера на филмот.

    Филмот беше прикажан во главната конкуренција за награди и на ФЕСТ во Белград, проследен со огромен интерес кај публиката. Со долготраен аплауз и стоечки овации заврши проекцијата на филмот на која присуствуваа режисерот Милчо Манчевски и главните актери Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Никола Ристески и Камка Тоциновски.

    Минатиот месец „Врба“ имаше премиера и во Нов Зеланд и доби награда за најдобар филм на камерниот фестивал за независни филмови во Велингтон.

    Американската премиера на „Врба“, во селекцијата за награди на фестивалот Синеквест во Сан Хозе и Редвуд Сити, Калифорнија, е стопирана на неодредено време поради пандемијата на КОВИД-19.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира