ТАНЦОТ НА „МАРТА ГРЕАМ“ ГО МАЃЕПСА СКОПЈЕ

    ТАНЦОТ НА „МАРТА ГРЕАМ“ ГО МАЃЕПСА СКОПЈЕТрупата на Танц фест изведе легендарни кореографии на Марта Греам создадени во 1937, 1942, 1957 и 1981. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Петминутен стоечки аплауз доби легендарната танцовата компанија „Марта Греам“ од Њујорк, за магичната танцова претстава со која синоќа се затвори 18. „Танц фест Скопје 2022“. Трупата, која ја одржува во живот кореографијата на Марта Греам, наречена и „мајка на модерниот балет“, изведе дела создадени во 1937, 1942, 1957 и 1981, како и креациите кои ги создаваат новите кореографи инспирирани од нејзиното творештво.

    (Фото: Ѓ. Личовски)

    Оваа трупа, создадена во 1926, е и годинашниот добитник на наградата „Менада“ на Фестивалот, а синоќа ја прими уметничка директорка на „Марта Греам“, Џенет Ајлбер, која претходните два дена одржа и танцов мастерклас за младите танчари.

    (Фото: Ѓ. Личовски)

    Уметничката директорка на „Танц Фест Скопје 2022“, Рисима Рисимкин рече дека 10 години сонува да ја донесе „Марта Греам“ во Скопје и дека оваа публика е една од ретките кои имаат ексклузивна можност да ја видат во живо оваа трупа и уникатното историско наследство, како сведок на стогодишниот развој на современиот танц.

    (Фото: Ѓ. Личовски)

    Марта Греам (1894 – 1991) е меѓу најзначајните уметници на 20 век, заедно со Пикасо, Џејмс Џојс, Стравински и Френк Лојд Рајт. Оваа американска танчерка и кореографка, за 70 години творечки век создаде 181 претстава, како и своја танцова техника што е општо прифатена и по своето значење, обем и големина, споредувана со балетската класична техника на танцување. Нејзиниот пристап кон танцот и театарот ја револуционизирала уметничката форма, а нејзиниот иновативен физички речник имал клучно влијание врз танцот ширум светот.

    Наградата „Менада“ на Фестивалот ја прими уметничка директорка на „Марта Греам“, Џенет Ајлбер. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во 1976, претседателот Џералд Р. Форд и го доделил на Марта Греам највисокото цивилно признание на САД „Претседателскиот медал на слободата“ и ја прогласил за „национално богатство“, со што станала првата танчерка и кореограф што ја добива оваа чест. Друга претседателска чест ѝ била доделена на Марта Греам во 1985 година кога претседателот Роналд Реган ја назначил меѓу првите добитници на „Националниот медал за уметност на САД“. „Тајм“ ја прогласи Марта Греам за „Танчарка на векот“, а магазинот „Пипл“ ја вброи меѓу женските „Икони на векот“.

    (Фото: Ѓ. Личовски)

    (Фото: Ѓ. Личовски)

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира