Скопје танцовиот театар во 2021 ќе настапи во Националниот театар за современ танц Шајо во Париз, престижен француски театар, еден од симболите на светската културна елита.
Уметничката директорка и кореографка Рисима Рисимкин вели дека СТТ е првиот македонски театар и компанија која доби покана за гостување во Шајо во Париз, и тоа токму во сезоната 2020/2021, во која Шајо ќе одбележува 100 години постоење.
„Многу сум возбудена и среќна, што Скопје танцовиот театар со својот квалитет и уметнички вредности, успева да влезе во високи, светски уметнички кругови. Тоа е привилегија и поттик и понатаму да работиме и да твориме, со цел да ја промовираме нашата работа, да бидеме препознаени од светската културна јавност и да ја пласираме нашата земја во врвот и друштво на најзначајни уметници“, вели Рисимкин.
Во театарот во кој се гостува исклучиво по покана, гостуваат најпрестижни светски компании и имиња како танцовата компанија Пина Бауш, Филип Декуфле, Охад Нахрин и Батшева танцова комапнија, Мерси Кенингем танцовата компанија, Кралскиот балет од Лондон, Париската опера.
Според Емануел Рембер, директор на Францускиот институт во Скопје и советник за култура во Француската амбасада, Шајо е најголемата установа за современ танц во Франција.
„Кога работиме во светот на културата, некогаш може да се запрашаме себеси за што точно работиме, какви конкретни резултати имаме од сето она што го работиме. Но, еден ден, кога дознавате дека Скопје танцовиот театар е поканет во Шајо, кога тој ја слави стогодишнината од своето постоење, конечно сфаќате дека во културата треба да имате големо трпение и дека работите не се случуваат преку ноќ. Како што истакна Рисима ова е резултат на дваесетгодишна соработка, која е навистина извонредна и успешно трае во континуитет. Изборот Скопје танцовиот театар да гостува во Шајо со своја претстава е на некој начин крунисување и негов златен медал“, кажа Рембер.
Рисимкин рече дека следната година прославува 30-годишен јубилеј од нејзината кореографска работа, и оти заедно со кореографите и танчарите на СТТ, ќе одлучат со што ќе настапат во Париз. Датумот, вели таа, ќе биде познат во јануари 2021, и дека ќе има најмалку две изведби.
Театарот „Шајо“ е изграден во 1878 за светската ЕКСПО изложба, во 1920 е формиран како прв Национален театар на светско ниво, а во 1948 станува седиште на Обединетите нации, каде истата година е потпишана Универзалната повелба за човекови прави на ОН. Театарот има две сцени, од 1.200 и од 500 седишта.
Скопје танцовиот театар, основан во 2011 , за период од осум години се претстави на престижни сцени и фестивали во Европа, САД и Кина. Минатата година, единствената домашна современа танцова компанија настапи на Холанд денс фестивал во Хаг, Холандија, на Батери денс фестивал во Њујорк, САД и повеќепати на сцените во Пекинг, Кина.
Б. НЕСТОРОСКА