ТАТКОВИНАТА ГО ЗАБОРАВИ, А МИХАЈЛО АРСОВСКИ ГО ОСНОВАШЕ ХРВАТСКИОТ ПОП-АРТ

    ТАТКОВИНАТА ГО ЗАБОРАВИ, А МИХАЈЛО АРСОВСКИ ГО ОСНОВАШЕ ХРВАТСКИОТ ПОП-АРТИзложбата на Михајло Арсовски во МСУ е насловена „Плакати“ и содржи 65 дела од фундусот на Музејот на современа уметност во Загреб (Фото: СДК.МК)

    Најзначајниот хрватски дизјанер роден во Скопје во 1937 година, кој оставил една од најавтентичните траги на хрватскиот графички дизајн е дома. Во Музејот на современа уметност (МСУ). Михајло Арсовски е релативно непознат за македонските институции и публика, иако станува збор за уметник кој важи за основач на постмодерниот дизајн во  Хрватска, за автор  кој целосно го дизајнирал Театарот ИТД во Загреб, од плакати, изглед на билети и ентериер, па сѐ до фактот дека негови 13 плакати се дел од постојаната поставка на светскиот познатиот музеј на модерна уметност МоМа во Њујорк.

    Неговите графички решенија се одликуваат со изразени лични ставови, со отпор кон конвенционалното и со критичка дистанца во ликовната сцена.

    Михајло Арсовски е релативно непознат за македонските институции и публика, иако станува збор за уметник кој важи за основач на постмодерниот дизајн во Хрватска, за автор кој целосно го дизајнирал Театарот ИТД во Загреб, од плакати, изглед на билети и ентериер, па сѐ до фактот дека негови 13 плакати се дел од постојаната поставка на светскиот познатиот музеј на модерна уметност МоМа во Њујорк (Фото: СДК.МК)

    Арсовски потекнува од фотографско семејство, левичари кои по Втората светска војна се преселиле во Загреб. Изложбата во МСУ, која се отвори синоќа е  насловена „Плакати“ и содржи 65 дела од фундусот на Музејот на современа уметност во Загреб. Изложбата ја подготвија директорот  на МСУ Лазе Трипков и кустосот Благоја Варошанец.

    „Како зачетник на постмодернизмот во графичкиот дизајн, Арсовски демонстрира смели визуелни решенија и иновативност која сѐ уште е актуелна. Во неговите плакати може да се забележат повеќе влијанија, од поп-културата на 1960-тите години до швајцарскиот стил преку конструктивистичките форми со односот на бои и симболи. Но она што е најкарактерсично за Михајло Арсовски е токму неговата типографска игра. Играта на букви, слогови, согласки и самогласки. Арсовски е неприкосновен во тој дел. Во тоа време тој не морал да се наметнува со својот израз како таков, за разлика од денес кога дизајнерите имаат потреба да се борат за што повеќе и поголем визуелен шок“, рече Трипков на отворањето.

    Тој додаде оти со оваа изложба почнува циклусот на МСУ, „Заборавените“ посветен на македонските уметници кои твореле во странство а кои досега не добиле внимание и почит од татковината.

    Невообичаено  беше што на отворањето имаше помалку публика за разлика од други проекти, но оние што дојдоа, архитекти, кустоси, стилисти,  имаа навистина убава можност да погледнат исклучителни креативни решенија.

    Гостите ги поздрави и  Кристина Боњековќ- Стојковиќ од МСУ од Загреб, која истакна дека името и делото на Арсовски се нераскинливо врзани за нивната институција.

    „Арсовски во 1960 и 1970-тите години  го создаде визуелниот идентитет на МСУ во Загреб, тој создава печат кој е препознатлив во меѓународен контекст. Опусот на Михајло навистина достигна високи стандарди на графичкото одбликување и токму тој опус е незаобиколна рефернатна точка без која не може да се реконструира историјата на плакати во регионот“, рече Боњековќ- Стојковиќ.

    Таа ја повика младата генерација на графички дизајнери да ја погледнат изложбата, за како што рече, да најдат поттик во нивната натамошна работа.

    „Затоа што тоа навистина го има во оваа изложба“, рече хрватската кураторка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира