Режисерката Теона Стругар Митевска учествува на конференцијата Европски гласови од 10 жени режисери на филмскиот фестивал во Сиднеј од 7 до 18 јуни. На фестивалот ќе игра и нејзиниот последен филм „Кога денот немаше име“, како дел од истоимената програма.
Конференцијата е со фокус на новите визии на жени режисери од Европа.
Четвртиот филм на Митевска „Кога денот немаше име“, инспириран од убиствата кај Смилковско Езеро во 2012, што имаше светска премиера на Берлинале во програмата Панорама, во јули ќе игра и на фестивалот во Ерусалим.
Како што соопшти продукцијата „Сестри и брат Митевски“, филмот е продаден за кино, видео и дигитална дистрибуција во Сингапур, Малезија, Виетнам, Камбоџа, Лаос, Индонезија, Филипини, Источен Тимор, а во тек се преговори за европската дистрибуција по проекцијата на филмскиот маркет на фестивалот во Кан минатиот месец.