ТИНА ИВАНОВА Е В. Д. ДИРЕКТОРКА НА ФИЛХАРМОНИЈАТА, ДОСЕГАШНИОТ ДИРЕКТОР ВИКТОР ИЛИЕСКИ СЕ ПРЕСЕЛИ ВО БЕЛГИЈА

    ТИНА ИВАНОВА Е В. Д. ДИРЕКТОРКА НА ФИЛХАРМОНИЈАТА, ДОСЕГАШНИОТ ДИРЕКТОР ВИКТОР ИЛИЕСКИ СЕ ПРЕСЕЛИ ВО БЕЛГИЈА„Огромна чест ми е да бидам избрана на оваа функција“, вели музикологот Иванова, која претходно работеше како продуцент во Филхармонијата. (Фото: Фејсбук)

    Музикологот Тина Иванова е в. д. директорка на Филхармонијата, откако досегашниот директор Виктор Илиески поднесе оставка од лични причини, потврди за САКАМДАКАЖАМ Иванова. Илиески, кој беше назначен за директор во јули 2017, на својот Фејсбук профил објави дека со семејството се преселил во Брисел, Белгија.

    „Огромна чест ми е да бидам избрана на оваа функција. Во Филхармонијата сум 5 години, претходно како новинарка 20 години ја следав оваа институција, имам објавено и монографија. Ќе помине и кризата со ковид-19, јас имам визија каде сакам да бидеме и каква програма да имаме“, ни изјави Иванова, која претходно работеше како продуцент во Филхармонијата.

    Иванова е добитничка и на највисоката државна награда за новинарство и публицистика, „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, за монографијата за култното скопско музичко радио Канал 103.

    „Функциите се минливи. Најбитната работа е секој, кој добил шанса да води одговорна функција, пред се’и над се’ да биде човек! Започнувам нова страница со полно срце и полна душа, со огромно позитивно искуство. Пресреќен сум што сите напори и целиот труд што го вложив се препознаени, испочитувани од вработените и од надворешните соработници“, напиша Илиески на Фејсбук.

    „Поле за игра“ е насловен концертот на Филхармонијата в четврток, со виолинистката Ајман Мусахоџаева од Казахстан. Диригент е Сашо Татарчевски, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар од Менделсон и Симфонијата број 96 „Чудо“ од Хајдн.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира