Националниот театар на операта и балетот на Албанија го откажа настапот на Мајските оперски вечери (МОВ) закажан за в недела, поради безбедносни причини во Македонија. Од Македонската опера и балет (МОБ), на чии официјални Интернет страници не е објавено откажувањето, ни ја потврдија информацијата дека операта „Мадам Батерфлај“ нема да се одржи. Од МОБ велат дека претставата е договорена многу однапред со сите платени трошоци од македонска страна, и требаше да биде гостување на целосна продукција на Националниот театар од Тирана, но ненадејно пред само неколку дена, им било речено дека настапот на фестивалот се откажува поради безбедносни причини.
Од амбасадата на Албанија во земјава, на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто е откажано гостувањето на Националата опера и балет од Тирана на МОВ, одговорија дека тоа е „едноставно од безбедносни причини кои се резултат на ситуацијата што преовладува во Скопје во последно време“ .
Директорот на Македонската опера и балет, оперскиот бас Игор Дурловски, кој е еден од организаторите на движењето за „За заедничка Македонија“ и беше во првите редови со демонстрантите кои на 27 април насилно во организиран напад влегоа во Собранието, при што брутално беа нападнати над сто пратеници и новинари, на 17 мај среде фестивал си поднесе оставка од функцијата, за која рече ќе важи од 25 мај. Дурловски, од име на вработените на МОБ на 9 мај го прими орденот за заслуги за Македонија што му го додели претседателот Ѓорге Иванов по повод 70 години Македонска опера и балет и 45 години Мајски оперски вечери.
Движењето за „За заедничка Македонија“ беше промовирано на 27 февруари, ден по фејсбук статусот и интервјуто на ТВ Сител на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во кој порача дека државата е нападната и само народот може да ја одбрани. Во раководството на движењето освен Дурловски се и режисерот Борис Дамовски и пијанистката и амбасадор на културата во Австрија Елена Мисиркова Лоза и Богдан Илиевски од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Тие тврдеа дека нивните протестни маршеви беа за „одбрана на унитарна и заедничка Македонија, а против владина коалиција на СДСМ и ДУИ, како и за неприфаќање на албанската платформа“.
Мајските оперски вечери завршуваат на 31.мај, традиционално со „Аида“, а дотогаш на програмата се хуманитарниот концерт на пијанистот Дино Имери, кој е закажан за в недела, балетот „Клеопатра“ , јубилејната претстава на првенката Александра Мијалкова кој ќе се игра в петок, и „Аида“, на затворањето, со гости од Турција.
Од оставката на директорот на МОБ до денес се одржаа и рецитал на солистката Весна Ѓиновска Илкова, балетот „Лебедово езеро“ со гости од Театарот во Пловдив, и синоќа рециталот на самиот Дурловски, со пијанистот Дино Имери.
Дурловски во оставката од раководната функција на МОБ, каде што дојде во 2015 година, напиша: „Жалам што сите овие општествени превирања се случуваат во година кога одбележуваме два значајни јубилеи и со кои требаше да создадеме нова страница со врвни уметнички достигнувања. За жал, а можеби некому за среќа, ниту МОБ не беше поштеден од негативните ефекти од наметнатите општествени услови кои се одразија врз целокупната работна атмосфера, расположението на нашата публика, безбедносниот скептицизам на дел од нашите гости-уметници, и ред други помалку значајни нешта“.
Дурловски, по завршувањето на јунската сесија си дава оставка и од професорското место на Факултетот за музичка уметност, а во оставката вели дека заминува за да придонесе неговите лични дејства надвор од МОБ да не се поистоветуваат со куќата, и ѝ посакува на институцијата брзо да избере ново раковосдство со нова енергија, и многу успеси.
За тројцата водачи на „За заедничка Македонија“, Дурловски, Дамовски и Илиевски, МВР побара од Скопското обвинителство одредување притвор или одземање на патните исправи, зашто се обезбедени докази дека биле организатори и водачи на нападот во Собранието на 27 април. МВР бараше од Основното јавно обвинителство под итно да бидат повикани на сослушување. „МВР до надлежното ОЈО достави и посебно известување за организаторите на протестите за евентуалното натамошно постапување на обвинителството околу целосното расчистување на случувањата од 27.04“, стои во соопштението на МВР од 30 април. Нема информации од Обвинителството дали е процесуирано барањето на МВР за Дурловски, Дамовски и Илиевски.