Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Струга рече дека била шокирана од предлогот на Министерството за култура и туризам до Владата, Струшките вечери на поезијата (СВП) наместо самостојна национална установа да бидат сектор во состав на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“во Струга, и кажа дека тоа е некултурен однос кон институција која е синоним за промоција на културата во светот.
Директорот на СВП, Никола Кукунеш, рече дека иако предлогот на претходниот министер за култура и туризам Зоран Љутков во јуни не поминал на владината Комисија за култура, сепак го чувствуваат како сериозен удар врз институцијата.
„За мене тоа е трагедија. Зошто? Да се третира Струшките вечери на поезијата, институција којашто воопшто не е административна институција, туку е светска промоција за една незапирлива мисија на културата, нешто што нè прави посебни, познати, нешто што го промовира идентитетот, нешто што е најважно во културната дипломатија. Јас како покровителка на Струшките вечери на поезијата не можам, а да не кажам дека за мене е ова некултура на една од најкултурно промовираните институции. Дури и во евроинтеграциските процеси ние добиваме посебни поени поради Струшките вечери на поезијата, добивме признание од УНЕСКО и сега вие да посегнете по сопственото. Јас знаете што очекував? Оваа славна институција, овој славен феномен да биде подкрепен во понатамошниот развој како финансиски, со дигитализација, со простор, со нови проекти. Вие сега наместо да го поткрепите, да го подржите, зашто тоа го заслужува, да го сведете на дел од бирократијата, на дел од организацијата, мислам дека е рамно на неразбирање на богатата култура, на меморијата, на успесите, на она што е сторено. Страшно е. Да дојде тоа од некоја институција што не разбира што е култура, ама да дојде од Министерство за култура, навистина е за мене целосно неразбирливо. Тогаш, веројатно, оние во културата не разбираат што е култура“, изјави Сиљановска-Давкова во Струга по посетата на дирекцијата на Фестивалот и средбата со раководството.
Претседателката додаде оти е убедена дека во оваа Влада покрај премиерот седат луѓе кои ваков предлог нема да прифатат затоа што знаат што е култура, што е национална култура, „знаат што значат зад нас 65 години културна меморија, што значи врвни поети да велат дека ваков однос кон културата е инспиративен и треба да се поддржува“.
Кукунеш за САКАМДАЖАМ.МК изјави дека акцент на денешната средба бил ставен врз значењето на националните установи кои се уметнички амбасадори.
„Установи кои со своето постоење се еден од столбовите врз кои се потпираат идентитетот, јазикот и сè она што ни е оспорено. Нив треба да ги унапредуваме и надградуваме, во чекор со потребите на новото време, затоа што низ своето децениско постоење тоа го потврдувале во континуитет“, ни рече Кукунеш.
Б. НЕСТОРОСКА



